Арсовска: Нема пари за нови проекти , Градот има многу долгови

По целодневна расправа, Советот на Град Скопје синоќа околку полноќ го усвои буџетот за 2022 година. Вкупниот буџет е 114 милиони евра, од кои основниот буџет е 76 милиони евра, а дотациите од централната власт се 31 милион евра. Споредено со 2021, предложениот вкупен буџет на Град Скопје за 2022 се намалува за 8,7 %.

Градоначалничката Данела Арсовска, образложувајќи го буџетот на брифинг со новинариte, кажа дека долговите кои ги наследила од претходното раководство и веќе склучените договори за големи суми не дозволуваат да се почнуваат нови капитални проекти. Наредната година ќе се реализираат веќе започнатите од ексградоначалникот Петре Шилегов.

„Сега се фокусираме да го направиме најдоброто со средствата што ни се на располагање, покрај веќе склучените повеќегодишни договори и другите долгови што доспеваат. Во буџетот, како капитални проекти се ставени проектите за кои се веќе склучени повеќегодишни договори, а кои Градот мора да ги реализира. За нови проекти е предвидено проектирање кое следува веднаш по Нова година“, рече Арсовска.

Капитални проекти на кои ќе се работи догодина се довршување на мостот на булеварот АСНОМ со приклучоци кон ТЦ „Ист гејт“, иако Арсовска на првиот брифин со новинариte рече дека тој мост ќе биде за ловење риба оти не може да се доврши поради нерасчистени имотно-правни односи. Потоа, булеварот Борис Трајковски кон Пинтија, клучката со кружен тек кај Визбегово, булеварот Киро Глигоров, а како и минатите години ќе се реконструираат и дел од булеварите и улиците низ Скопје.

Ќе се проектира продолжување на булеварот Словенија кон Карпош за што беше распишан тендер од претходното раководство, но поништен од Арсовска. Ќе се прави проект за кружен тек на влезот во Скопје кај Сарај, како и за улиците Февруарски поход, Лука Геров, 16 Македонска бригада, Радишанска, Христо Татарчев, Перо Наков.

Во буџетот за наредната година се предвидени пари за Луна паркот, но не и за втората фаза на Универзална сала која почна да се прави со пари од Владата.

За проекти против загадувањето, Арсовска кажа дека догодина ќе стартува проектот за пет мега паркови, но не прецизира каде ќе се прават тие. И догодина ќе има субвенции за велосипеди, инвертери и за чистење на оџаци.

Total
1
Shares
Поврзани објави