Арсовска ќе покрене кривична постапка против Цементарница „Усје“ – испуштала трипати повеќе штетни гасови од дозволеното

Градоначалничката Данела Арсовска ќе покрене кривична постапка против Цементарница „Усје“ поради тоа што не се придржувала кон прописите за заштита и унапредување на животната средина со што се предизвикува загадување на воздухот, водата и почвата во поголем обем и опасност по животот и здравјето на луѓето. Како што посочи Арсовска на денешната прес конференција, пријавата ќе се поднесе согласно членовите 218. 230 и 234 од Кривичниот законик.

Градоначалничката објасни дека на иницијатива на Град Скопје и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање било извршено мерење на испустот на гасови на Цементарницата. Мерењата биле извршени во два наврати, на 26 и на 27 декември минатата година и на 3 и 4 јануари годинава и во двата наврати се измерени огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух. Во декември се измерени трипати повеќе ПМ 10 честички кои се испуштаат во амбиенталниот воздух, а слични резултати се добиени и при мерењето во јануари. Станува збор за испуштање на трипати поголеми концентрации од дозволените на метар кубен на час.

Како што посочи Арсовска сериозни прекршувања се забележани, спротивни на издадената интегрирана дозвола, и при увидот на инспекторите на Град Скопје и на државниот инспекторат при МЖСПП.

Таа истакна дека граѓаните во Скопје недозволиво е да бидат жртви на неколкумина кои со децении ги трујат, обидувајќи се со донации по општините, со коруптивно однесување, со најразличен вид влијанија да се амнестираат од одговорноста за загадувањето на животната средина од која илјадници скопјани страдаат.

Total
1
Shares
Поврзани објави