Бајден: Знаевме за нападот на Украина, но Зеленски не сакаше да слуша

Американскиот претседател, Џо Бајден, во петокот изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не сакал да ги слушне предупредувањата на САД пред руската инвазија на неговата земја.

„Многумина мислеа дека претерувам кога зборував за рускиот напад врз Украина, пред тој да започне“, рече Бајден на приемот во Лос Анџелес, каде што се собираа средства за Демократската партија. „Но, знаев дека имаме информации во тој поглед. Путин ќе ја премине границата. Немаше сомнеж, но Зеленски не сакаше да слуша“, рече Бајден пред новинарите.

САД почнаа да предупредуваат за подготовките за инвазија на Украина многу пред рускиот претседател да ја објави специјалната операција на 24 февруари, објави „Франс прес“. Овие предупредувања предизвикаа неверување, па дури и критики од некои европски сојузници, кои во тоа време сметаа дека САД претеруваат.

На крајот на јануари, потсетува „Блумберг“, откако американските власти рекоа дека Путин наскоро ќе изврши инвазија, неименуван украински функционер за Си-ен-ен изјави дека Зеленски му рекол на Бајден да се смири со изјавите за инвазија, бидејќи тоа создава паника.

Total
0
Shares
Related Posts