Бранко Азески за „недела-неработен ден“: Бргу ќе се види дека тоа нема ефекти и ќе биде повлечено

Не може сега, во Охрид, чаршијата да не работи во недела. Туристи во зима не доаѓаат во Охрид во вторник, туку во недела.. Mислам дека нема да придонесе. Бргу после ова ќе се види дека нема ефекти и ќе биде повлечено, вели претседателот на Стопанската комора во интервју за Гласот на Америка

Мислам дека нема да придонесе. Бргу после ова ќе се види дека нема ефекти и ќе биде повлечено“, истакнува Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија во дел од интервју за Гласот на Америка, при одговор на прашање за ставот на Стопанската комора прогласувањето на денот недела за неработен ден.

VOA: Новитет годинава од први јануари е „недела – неработен ден“. Каков е ставот на стопанствениците?

„Кај нас секогаш беше негативен ставот. Иако владата се обиде со маневар да изземе одредени категории. Ние сметаме дека тоа е пазарна категорија и треба да се однесуваме така кон сите пазарни категории.

Не може сега, во Охрид, чаршијата да не работи во недела. Туристи во зима не доаѓаат во Охрид во вторник, туку во недела. Ние направивме анализа и надвор. Таму тоа постои. Но, тоа се држави со висок стандард, со друга верска ориентација. Не можеш да ги споредиш и да ги земеш како пример.

Мислам дека ова владата не сакаше до крај да го сослуша. Беше определена ова да го направи, не знам од кои причини. И мислам дека нема да придонесе. Бргу после ова ќе се види дека нема ефекти и ќе биде повлечено“, рече Азески.

Денеска се огласија и од Државниот инспекторат за труд од каде соопштија дека воспоставиле дежурства по региони за да следат дали се почитуваат законските одредби. Воедно и упатија повик до работници да пријават во Инспекторатот доколку им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела.

Пријавувањето може да го направат на неколку начини: На интернет страницата на Инспекторатот (https://www.dit.gov.mk) анонимно или како пријава од познат подносител; Со поднесување на пријава во архивите на подрачните одделенија и во централата на ДИТ од понеделник до петок од 8.30 до 16.30 часот; Преку кол-центарот на телефонскиот број 15131 од понеделник до петок од 8.30 до 16.30; и во недела почнувајќи од 2 јануари 2022 година од 8.30 до 16.30 часот на дежурните инспектори по региони.

Од Сојузот на синдикатите, пак, истакнаа дека недела како ден за одмор важи за 92% од работниците.

Според ставките во Законот, на овој член, за работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко – технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата.

Во овие исклучоци влегуваат следните дејности:

– одгледување животни;
– мешовито фармерство;
– вадење на јаглен и лигнит;
– вадење на руди на метал;
– печатење и издавање на весници;
– производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити;
– производство на пиво, само во процесите поврзани со варење, квасна припрема и следење, ферментација, филтрација и енергетска поддршка на овие процеси;
– производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати;
– производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси;
– производство на индустриски гас;
– производство на метали;
– аптеки;
– снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација;
– снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината;
– копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт;
– складирање и помошни дејности во превозот;
– објекти за сместување;
– дејности за подготовка на оброци и служење на храна;
– филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма,
– емитување на програма;
– телекомуникации;
– информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет портали и сл.);
– прикажување на филмови;
– фотографски дејности;
– ветеринарни дејности;
– изнајмување и давање под закуп (лизинг) на моторни возила;
– дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи;
– дејности на повикувачки центри;
– општи дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување на седници, инспекциски надзори, чување на шуми, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес;
– работи на одбраната;
– судски и правосудни дејности;
– работи на јавниот ред и безбедноста;
– дејности на пожарникарската служба;
– дејности за здравствена заштита;
– дејности на социјалната заштита со сместување;

– креативни, уметнички и забавни дејности;
– дејности на музеите,
– дејности на зоолошки градини и природни резервати;
– спортски, забавни и рекреативни дејности;
– погребни и слични дејности;
– царинска служба на гранични премини,
– дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите од овој став, врз основа на склучен договор со работодавачот од дејностите од овој став.
– работни места од други дејности кои не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот.

mk.woanews.com

Total
4
Shares
Поврзани објави