Ванковска ги собира последните 900 потписи за претседателската кандидатура, до 10 илјади се приближува и Јакимовски

Претседателската кандидатка на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, е на чекор да обезбеди 10 илјади граѓански потписи неопходни за влез во трката за шеф на државата. Ова го покажува последниот пресек на Државната изборна комисија (ДИК), според кој, заклучно со вчеравечер, Ванковска собрала 9 085 потписи, што значи дека ѝ недостасуваат околу 900 за официјализирање на претседателската кандидатура.До потребниот број на потписи е и кандидатот на Граѓанската организација за Македонија (ГРОМ), Стевчо Јакимовски, кој инаку е актуелен претседател на овој политички субјект и градоначалник на Општина Карпош.

Според извештајот на ДИК, заклучно со вчера до 20 часот за Јакимовски се потпишале 7 994 граѓани.

Тој, пак, синоќа на Фејсбук објави дека собрал 8 048 потписи и дека му недостасуваат помалку од 2 000 до целта. Доколку успеат да ги добијат потребните потписи, Ванковска и Јакимовски ќе им се придружат на кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, на Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ и на Максим Димитриевски од Движењето За наша Македонија (ЗНАМ) кои успеаја да соберат 10 илјади потписи и да си обезбедат место во претседателската трка.

Состојбата според бројот на собрани потписи до вчеравечер кај останатите кандидати е следна – Вело Марковски собрал 1 087 потписи, Мерсиха Смаиловиќ 977 потписи, кандидатот Ѓорѓи Манасков 323 потписи, Зорица Цветковска 105 потписи. Ниеден граѓанин не се потпишал за Томе Николовски, а кандидатот Господин Попоски досега има добиено 63 граѓански потписи за претседателската кандидатура.

Total
0
Shares
Поврзани објави