Во кризна состојба тројца затвореници побегнаа од затворот Идризово

Работеле како тревокосачи, со подолг затворски стаж и сместени во отворено одделение. Ова е профилот на тројцата затвореници кои вчера побегнаа од Идризово.

Според информации на Сител, бегството не било преку заштитната ограда, туку излегле низ една од капиите на затворот. Напуштањето на казнено-поправната установа доаѓа во период на прогласена кризна состојба во затворот заради која освен затворската полиција, просторот го обезбедуваат уште војници и припадници на МВР. Од управата на затворот велат се истражува како побегнале тројцата затвореници незабележани од безбедносните служби. 

„Постапката е во тек, мислам дека ќе се констатира точно како се дадени во бегство и тогаш ќе имаме официјална изјава. Овие лица што се дадоа во бегство, поголем дел од казната го имаат издржано и се наоѓаат во отворено одделение или одделение во кое има полиберални услови и тие имаат право да користат викенди, зашто се и работно ангажирани, а користат и годишни одмори“, вели Зоран Јовановски, Директор на КПУ Идризово.

Слободата на тројцата побегнати затвореници траела кратко. Идризово го напуштиле во девет наутро, но по неполни осум часа, полицијата ги забележала со голф во селото Долно Лисиче. Одбиле да го сопрат возилото, па во бркотница со полицијата биле уапсени на пат кон Јурумлери.

Сите издржувале казни за продажба на дрога и криумчарење мигранти за што биле осудени на затвор од 7 до 10 години. 

На почеток на годинава, од Идризово на пат кон болница побегна затвореник осуден на 20 годишен затвор, а по само еден месец, во кругот на казнената установа беше откриен подземен тунел за кој се тврдеше дека требало да служи за бегство. Во меѓувреме беа запалени автомобили на неколкумина затворски службеници.

За зголемување на безбедноста во најголемиот затвор во државата,  беше прогласена кризна состојба која ќе трае до 5 ноември. Според одлуката, армијата го обезбедува надворешниот простор, а полицијата контролира што се внесува во затворот. 

Total
0
Shares
Related Posts