Германија од денеска го либерализира пазарот на канабис декриминализирајќи го поседувањето мали количини.
Откако стапија во сила новите закони за лично поседување, пушењето канабис во Германија ќе биде легално за постари од 18 години, пренесува „Гардијан“.
Од денеска, на возрасните во Германија им е дозволено да носат со себе до 25 грама сушен канабис и да одгледуваат најмногу три растенија марихуана дома.
Новите закони следуваа по жестоката дебата за добрите и лошите страни на овозможувањето полесен пристап до канабисот.
Германските власти се надеваат дека планот ќе помогне во сузбивање на црниот пазар, заштита на потрошувачите од контаминирани производи и намалување на криминалот поврзан со дрога.
Консумацијата на канабис од страна на сите помлади од 18 години ќе продолжи да биде нелегална.
Новиот закон, исто така, има одредени заштитни мерки за заштита на младите, вклучително и забрана за пушење канабис на 100 метри од училиште, градинка, игралиште или спортски центар.
Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах вети голема кампања за едукација на младите за здравствените ризици и зајакнување на програмите за превенција.
Како втор чекор е дека на клубовите за канабис ќе им биде дозволено од 1 јули да одгледуваат канабис за лична употреба на своите членови.
Од 1 јули жителите на Германија постари од 18 години ќе можат да се приклучат на клубовите за канабис – непрофитни организации со најмногу 500 члена. Трошоците на клубовите ќе бидат покриени со членарина, чиј износ ќе зависи од количината на марихуана што ја користи соодветниот член.
Промените ја ставаат Германија меѓу земјите со полиберални закони за канабис во Европа, заедно со Малта и Луксембург, кои ја легализираа рекреативната употреба во 2021 и 2023 година.
Новиот режим го прави германскиот закон за канабис еден од најлибералните во Европа, пишува „Ал Џезира“.