Ексклузивно видео од пожарот на Галичица, опасно е да се гаси поради мини и екслозивни направи !

Теренот каде гори пожарот на Галичица е непријатен и критичен за пешадиско гаснење и гаснење со хеликоптери, поради големиот број на експлозивни средства и направи, кажа денеска на прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Голем број гранати, куршуми и разни други експлозивни средства се наоѓаат и по сртот каде почна пожарот и се протегаат до подножјето на шумата. Ангелов кажа дека пожарот почнал пред една недела од албанската страна на планината и сознанијата се дека е запален од овчари од таа страна, за да преку горење да се подобри квалитетот на пасиштето.

Овој пожар е 4-ти за последниве 10-15 години на ова место, рече директорот, и при секој пожар се слушаат детонации, експлозии и истрели од куршуми. Таму гори висока трева.

„Палењето на тревата создава температура која ги активира овие минско-експлозивни средства. Кога човек би згазнал на нив, не би се активирале оти се стари повеќе од 100 години и нивната запалка не е активна. До рано утрово се слушнати најмалку три екплозии. Таму сега гори и не е безбедно за движење ниту на пешадија, ниту на хеликоптери. Претставници на Националниот парк ‘Галичица’ се обиделе да го гаснат, но се појавил феноменот како во скопски Сарај, кога гореа корењата. Стратегијата на Главниот кризен штаб е, кога  ќе се спушти кон шумата, цистерни и џипови со цистерни со носивост до 500 литри вода да се навлезе во шумата и тука пожарот да се пресретне, оти патиштата се безбедни“, рече Ангелов.

Ангелов додаде оти се очекува најавениот дожд, и апелираше до сите доброволци кои би сакале да помогнат во гаснењето на пожарот, да не влегуваат во оган оти може да загинат од мини.

видео: dosie.mk

Total
22
Shares
Поврзани објави