Застрелан познат новинар, Холандија во шок

Во Амстердам вчеравечер е нападнат познатиот новинар Петер Р. де Врис. Тој се наоѓа во животна опасност.

Обидот за убиство на познатиот холандски репортер Петер Р. де Врис ја шокираше Холандија. По истрелите во Амстердам, уапсени се тројца осомничени. Полицијата се надева на брзо расчистување на случајот. Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека нападот е „напад врз слободното новинарство“. Холандската кралска двојка, кралот Вилем Александер и неговата сопруга Максима, кои се во посета на Германија, соопштија дека се „длабоко шокирани“ од нападот. „Новинарите мора да можат да си ја работат својата работа без закани и слободно“, напишаа тие на Фејсбук.

Петер Р. де Врис е застрелан на улица во моментот кога излегувал од телевизиско студио. Врз него, како што тврдат сведоци, едно лице околу 19:30 часот пукало повеќепати. Новинарот е пренесен во болница со рана на главата, соопшти полицијата. „Петер Р. де Врис се бори за живот“, соопшти градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема.

Полицијата уапси три лица, меѓу кои и човек за којшто постојат сомневања дека го застрелал новинарот. Но, за мотивот за нападот нема информации. Формирана е специјална комисија за истражување на случајот.

Новинарот во моментов е лице од доверба на крунски сведок во голем судски процес против организираниот криминал. Тој е познат и во меѓународни рамки со своите извештаи за спектакуларни злосторства. Беше редовен гостин во телевизиски емисии. Во меѓународни рамки стана познат во 1987 година со својот бестселер за киднапирањето на познатиот производител на пиво Фреди Хајнекен.

Во 2008 година ја доби наградата Еми за своите репортажи за случајот на Натали Холовеј. Американката исчезна во 2005 година на Аруба и се смета дека е најверојатно убиена од страна на Холанѓанец.

dw.com.mk

Total
1
Shares
Поврзани објави