Зоолошка не е кланица но екс директорот тврди дека колењето животни е непопуларно, но е законски

Во скопската Зоолошка градина не смеело да се заколат коњите, бидејќи нема дозвола да работи како кланица, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Од Агенцијата велат дека направиле контрола во Зоолошката и утврдиле дека се заклани десет копитари без соодветна документација и дека тие не дале никакво одобрение за колењето како што тврди разрешениот директор Кристијан Стаменов. Најавуваат дека против Зоолошката градина и Стаменов ќе бидат изречени соодветни казни.

„Животните се со непознат здравствен статус, неидентификувани и нерегистрирани и без соодветен документ за движење, иако истите на Зоолошката градина ѝ се отстапени на чување во соодветни услови од страна на Управата за извршување на санкции при КПУ- КПД Идризово. Во депото, затекнати се и две живи животни, во фрижидерите во склоп на кланичниот објект најдени се мрши од закланите животни во вкупна количина од 1.286 килограми и 100 замрзнати пилиња“, велат од Агенцијата.

Бидејќи месото од закланите копитари потекнува од неидентификувани и нерегистрирани животни со непознат здравствен статус кои се заклани во неодобрен објект, Агенцијата за храна и ветеринарство издала решение и нареди уништување на небезбедното месо на депонијата Дрисла.

Ексдиректорот Стаменов, кого синоќа го разреши градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, денеска одржа прес-конференција пред Зоолошката градина, на која кажа дека постапката во која беа заклани коњите иако е непопуларна, е законска.

„И покрај сите изнесени ставови во јавноста, јас не сум убиец на животни и мојата невиност ќе ја докажам. Коњите ни беа отстапени од затворот Идризово во лоша состојба и нашата проценка беше дека е подобро да се заколат. Ова не е ништо ново, се применува и во други европски Зоолошки градини, а и досега се правело кај нас“, кажа Стаменов и додава дека во градината има доволно храна за животните.

Министерството за внатрешни работи денеска поднесе кривична пријава против Стаменов и уште 5 лица вработени во градината за колење на 12 коњи и една мазга.

Total
1
Shares
Поврзани објави