„Катимерини“: Поради „твит“ на Заев, Грција замрзнува ратификација на меморандуми со Северна Македонија

Во „твитот“ од понеделникот кој ја налути грчката влада, Заев напиша дека фудбалскиот натпревар го следи заедно со холандскиот премиер и дека без оглед на резултатот, дава поддршка на „македонската фудбалска репрезентација“

Грција го замрзнува ратификувањето на меморандуми за соработка со Северна Макеодонија поради објава на премиерот Зоран Заев на „Твитер“ за фудбалската репрезентација, во која не го користи уставното име на државата. Под наслов „Гнев во Атина, замрзнуваат меморандуми со Северна Македонија“, грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека станува збор за три меморандуми кои парламентот требало да ги ратификува идниот месец, на 10 јули, но дека сега процесот ќе биде одложен, најверојатно, за септември, а можеби и за подоцна. Повикувајќи се на владини извори, „Катимерини“ пишува дека грчката влада не може да „замижи“ пред „двојната игра“ на „соседите“, потенцирајќи дека изминатиов период имало неколку „инциденти“ поврзани со Договорот.

Во текстот се пренесува изјава на портпаролката на грчката Влада, Аристотелија Пелони, која вчера испрати предупредување дo премиерот Зоран Заев дека мора да го почитува Договорот од Преспа во сите контексти, вклучително и меѓународните спортски настани.

„Бараме целосна имплементација на Договорот од Преспа и неговиот дух, го повикуваме Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено во такво чувствително прашање какво што е фудбалот“,

порача Аристотелија Пелони.

Во „твитот“ од понеделникот кој ја налути грчката влада, Заев напиша дека фудбалскиот натпревар го следи заедно со холандскиот премиер и дека без оглед на резултатот, дава поддршка на „македонската фудбалска репрезентација“.

Денеска од стадионот во Амстердам давам силна поддршка на македонската фудбалска репрезентација. 🇲🇰⚽️

Благодарност до холандскиот премиер Марк Руте – @MinPres за поканата заедно да го следиме натпреварот. Без разлика на резултатот од мечот, од денес #MKD и #NED се уште поблиски. pic.twitter.com/ne9WEtd7oC— Зоран Заев (@Zoran_Zaev) June 21, 2021

Инаку, трите меморандуми подолго време чекаат да дојдат на дневен ред во грчкиот парламент. Мнозинството на Нова демократија тактизира поради силното противење на Договорот од Преспа внатре во своите редови. Станува збор за Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, Меморандум за формирање координативен комитет за економска соработка и Техничката спогодба за надгледување на воздушниот простор на земјава.

Total
13
Shares
Поврзани објави