Музафер Калишиќ, кој на 27 ноември кога беше грабната и убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска, бил помошник-началник на СВР Скопје за криминалистички работи и насилен криминал, денеска сведочеше за двојното свирепо убиство за кое што се обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев.
Претходно овој сведок одговараше на прашања на обвинителката, за чудното однесување на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, кој не престанал да тврди дека Вања е киднапирана и убиена и дека џабе ја бара полицијата.
Сведочењето за убиствата на Вања и Панче продолжи со прашања за обвинетиот Влатко Кешишев.
„Кога отидов во просторијата кај Влатко Кешишев, кого колегите го привеле, а тој не сакал ништо да им каже за исчезнувањето на Вања, тој сакаше насамо да ми покажел нешто. Замоли да не знае Палчо, оти ќе го убиел. Седнавме во кола, не однесе директно кај запаленото возило ‘цитроен’. Тоа беа тие моменти кога понатаму сакаше нешто да каже, па да не каже. Тоа се случуваше во Бразда. Сепак рече, ајде ќе ве однесам. Седнавме, возевме по едно патче по негова насока. Не, не можам да кажам, рече. По едно време се премисли: ‘Ајде’. Го прашав: ‘Каде?’ Не знаев што. Во еден момент рече: ‘Таму, кај перниците’. Почнавме да копаме”, сведочеше началникот.
Потоа Кешишев пак му се обратил.
„Ќе ти кажам нешто, тука има некој”, му рекол Кешишев.
„Кој има тука?, го прашал Калишиќ.
„Копавме кај што покажа Кешишев. Кога се виде носот, веѓата и едната нога на девојчето, престанавме”, тивко кажа сведокот.
На прашање на обвинителката, сведокот појасни дека Кешишев кажал оти Палчо ја убил.
„Тука ја донесовме јас, Палчо и уште еден. Ја земаа и тука ја фрлија”, му кажал Кешишов на сведокот Калишиќ.
Тој го повикал пак и му кажал: „Знаеш ли кој беше во цитроенот? Убиениот Панче”.
„Имаше чувство на вина, велеше лош сум. Потоа ни кажа каде се фрлени лопатите”, кажа сведокот и додаде дека пиштолот со кој било убиено девојчето не бил најден.
Во вкрстени прашања, обвинетиот Љупчо Палевски го праша сведокот што нашле од докази на местото на настанот.
„Телото на Вања и лопатите”, кажа тој.
Потоа, во вкрстени прашања од обвиниетите, овој сведок кажа дека тие комуницирале преку радиоврска, со уреди „моторола”.
sdk.mk