„Кршев прозорец и го извлекував својот болен татко од болницата, додека луѓето без придружба гореа живи“, вели очевидец на пожарот

„Ги гледавме како горат живи и не можевме да сториме ништо. Сè се случи за една секунда, слушнавме како нешто пукна, некој свика ‘пожар’ и тука почна целата драма која не ја посакувам никому“.

Вака млада тетовка која била во модуларната болница вчера, како придружба на нејзиниот татко кој е болен од Ковид-19, за „А1он“ раскажува за она што го доживеале луѓето во модуларната болница во Тетово, која вчеравечер изгоре во пожар.

Таа успеала да го спаси својот татко и тој бил еден од последните кој жив се извлекол од модуларната болница за време на пожарот. Скршиле прозор, таа рипнала а потоа со сите сили го извлекла нејзиниот болен татко.

„Уште кога го примија, после три обиди за хоспитализација, бидејќи немало место, ни рекоа дека најдобро е да лежи во модуларната болница со присуство, бидејќи немаат доволно медицински кадар. Затоа и деноноќно бевме со него. Поголемиот дел од пациентите кои вечерта имаа придружба, успеаја да се спасат само поради тоа. Дел од оние кои беа сами, за жал, не успеаја“, раскажуваа таа.

Откако го извлекла нејзиниот татко, таа се вратила назад за да ги спаси другите двајца пациенти кои биле во истата соба.

„Пробував да разбудам еден постар човек, не можев, пожарот се повеќе се ширеше, голтав чад и морав да бегам. Таа слика нема да ја заборавам никогаш, двајцата пациенти кои беа во собата со татко ми, изгореа во пожарот“, вели таа.

Според неа, кога избувнал пожарот, докторите вршеле реанимација на млада пациентка и во истиот момент се слушнал звук, како што опишува таа, „дека нешто пукнало“, а потоа и звуци на експлозија. Тогаш некој свикал „пожар, луѓе“, па оние кои биле дојдени како придружба веднаш почнале обиди да ги спасат своите најблиски. Рипале од каде ќе стигнат, кршеле врати и прозори, а од другата страна на болницата веќе дошла и помош, па ги преземале оние кои успеале да се доближат до вратите и до прозорците.

„Страшно е и жално пациенти кои се на кислородна поддршка да бидат сместени во барака од гипс картон, за која се знае дека доколку нешто се случи, ќе изгори за две секунди“, вели таа и додава:

„Ваква глетка јас на никого во живот не му посакувам. Ова се трауми што ќе ги носиме цел живот и никогаш нема да избледат. Постојано пред очи ми се луѓето на кои не успеав да им помогнам и кои останаа внатре и изгореа. Татко ми сега го живее својот втор живот, тој е добар, сместен е во тетовската болница, но искрено не знам после оваа траума како ќе закрепнува“.

Во пожарот во тетовската модуларна болница имало 26 пациенти. Од нив, 14 ги загубија животите, а 12 се во добра состојба и сместени се во болницата во Тетово.

сторијата е сопственост и целосно превземена од a1on.mk

Total
24
Shares
Поврзани објави
Повеќе

КУРИР дознава: Модераторот на „Јавна соба“ е сопруг и татко од Кисела Вода кој испраќал експлицитни фотографии од малолетнички – се нарекол Вирус

Јавноста, а особено родителите се кренаа на нозе откако беше обелоденето постоењето на групата „Јавна соба“ на апликацијата…