Маск се откажува од купувањето на Твитер

Главниот извршен директор на Тесла и најбогатиот човек на светот Илон Маск во петокот на 8 јули изјави дека го раскинува договорот за купување на Твитер вреден 44 милијарди долари, бидејќи компанијата не дала информации за лажните сметки.

Акциите на Твитер во петокот паднаа за 5 отсто на 36,81 долари, што е многу помалку од 54,20 долари колку што во април понуди Маск да ги плати. Во меѓувреме, акциите на Тесла се зголемија за 2,5 отсто, односно на 752,29 долари.

Претседателот на Твитер, Брет Тејлор изјави дека оваа компанија ќе покрене правна постапка.

„Одборот на директори на Твитер е посветен на затворање на трансакцијата по цена и услови договорени со господинот Маск и планира да покрене правна постапка за спроведување на договорот за спојување. Уверени сме дека ќе победиме пред судот во Делавер“, рече Тејлор.

Во поднесокот, адвокатите на Маск рекоа дека Твитер не успеал или одбил да одговори на повеќе барања за информации за лажни или спам сметки на платформата, што е од суштинско значење за деловните перформанси на компанијата.

„Твитер материјално прекршува повеќе одредби од тој договор, се чини дека дал лажни и погрешни изјави на кои се потпирал г-дин Маск при склучувањето на договорот за спојување“, се наведува во поднесокот.

Најавата е уште еден пресврт во сагата, откако Маск во април потпиша договор од 44 милијарди долари за Твитер, но потоа го стави купувањето на чекање додека компанијата не обезбеди докази дека спам сметките и ботовите сочинуваат помалку од 5 проценти од вкупниот број корисници.

Според договорот, Маск е должен да плати такса за раскинување од 1 милијарда долари доколку не ја заврши трансакцијата.

Одлуката најверојатно ќе доведе до долготрајна правна битка меѓу милијардерот и Твитер, кој е основан пред 16 години и е со седиште во Сан Франциско.

Голем дел од драмата се одвива на Твитер каде Маск, кој има повеќе од 95 милиони следбеници на мрежата, се пожали дека таа не успева да го реализира својот потенцијал како платформа за слободен говор.

Total
16
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Интернационалната технолошка компанија „Инфинум“ ја презема македонската компанија за развој на софтвер „3П Девелопмент“

„Инфинум“ една од најголемите хрватски компании, со интернационално искуство за развој на дигитални производи, која работи на глобалниот…