Мијалков повторно е позитивен на корона

ова е вторпат Мијалков да е позитивен на коронавирусот. Ексшефот на УБК имаше позитивен тест и во октомври 2020, кога беа одложени неколку рочишта за предметот „Таргет-Тврдина“.

Со автомобил до пред Основниот кривичен суд, обвинетиот Орце Камчев заедно со својата мајка Рстка Куновска-Камчева, која исто така е обвинета, половина час пред пладне пристигна на рочиште за случајот „Плацовите на Водно“. Ова е прво рочиште во овој предмет на кое бизнисменот доаѓа од слобода откако на 4 јануари Апелација му ја прифати гаранцијата од речиси 11 милиони евра и му го укина притворот.

Меѓутоа, Сашо Мијалков, кој во декември исто така излезе од притвор со гаранција од нешто повеќе од 11 милиони евра, не се појави.

„Бранителот на обвинетиот Сашо Мијалков достави поднесок дека обвинетиот е позитивен на коронавирусот и во него е наведено дека му е одредена изолација од 10 дена ако нема симптоми или лекување и изолација од 20 дена ако појават симптоми“,

соопшти судијата Илија Трпков.

Помеѓу позитивните има и тројца адвокати, но нивното отсуството не е пречка, со оглед дека обвинетите имаат по повеќе бранители. Пречка е отсуството на Мијалков, поради што и беше одложено денешното рочиште, а судијата Трпков рече дека ако здравствените услови дозволат во наредниот период, по завршување на изолацијата, ќе даде поголем интензитет на судскиот процес односно ќе закаже повеќе рочишта.

Денеска во судница како сведок предложен од одбраната дојде ексгенералниот секретар на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски. Со оглед на одложувањето, неговото сведочење ќе остане за наредното рочиште закажано за 24 јануари, доколку заврши изолацијата на Мијалков. Тогаш, како сведок на одбраната, ќе биде повикан и Дејан Митревски-Урко.

Total
3
Shares
Поврзани објави