Момците од Харвард го симнаа од тронот каратистот кој десет години владееше со Бугарија

Бугарскиот електорат се сврте кон (не)сигурно, давајќи го мнозинството гласови на новата партија предводена од двајца политичари со диплома од Харвард. Тоа е, разбирливо, многу поважна легитимација од карате појасот на Бојко Борисов или пејачката кариера на Слави Трифонов .

Кирил Петков и Асен Василев ги разбрануваа политичките води откако влегоа во преодната влада која ја води државата од април. Токму тогаш се одржаа првите избори годинава, а партиите кои влегоа во Народното собрание, не успеаја да формираат влада. По јулските избори, сценариото се повтори. Кирил Петков раководеше со економскиот сектор, а Асен Василев со секторот за финансии во преодната влада формирана од Румен Радев.

Предизборните анкети и првите излезни анкети сугерираа убедлива победа на ГЕРБ, централно-десничарската партија, партнер на ВМРО ДПМНЕ во Европската народна партија, предводена од премиерот Бојко Борисов. Таа разлика стигнуваше и до осум отсто предност на некои анкети. Самиот Борисов, вчера, во партиското седиште, го нотираше тој факт, дека се повтори сценариото од јулските избори, кога ГЕРБ исто така убедливо водеше на анкетите и само на неколку дена пред изборите таа предност почнува да се топи, а тогаш на изборите победи Има таков народ на Слави Трифунов, а сега Промената продолжува на хардвардската двојка. Борисов како меѓу редови да сакаше да каже дека нешто се случува или со вољата на гласачите која се менува преку ноќ или со броењето на гласовите.

Како и да е, на изборите победи партијата Промената продолжува и сега засега таа предност не е мала и изнесува околу четири отсто од излезените гласачи. ПП на Петков и Василев освои 25,85 отсто од гласовите, ГЕРБ е на 20,38 отсто.

Поради ниската излезност, партијата на Турците, Движењето за права и слободи (ДПС) е трета политичка сила со 15,66 отсто од гласовите, иако еден од нејзините истакнати членови е под удар од американските санкции поради коруптивни активности.

Пејачот и шоуменот Слави Трифонов и неговата партија Има таков народ потонаа на 10,54 отсто, а најголемо изненадување беше поразот на бугарските социјалисти (БСП), кои освоија само 9,07 отсто од гласовите. БСП е позната по многу добри врски со Москва.

Во Собранието се приклучија и Демократска Бугарија со 5,9 отсто и отворено проруската, антиваксерска, радикално десничарска партија Препород или Вазраждение со 5,4 отсто од гласовите.

Излезноста беше нешто под 40 отсто, што е историски најмала излезност на парламентарни избори во Бугарија. Што е разбирливо затоа што електоратот е заситен со избори, а демократската свест во Бугарија сè уште се развива.

Вчера беше и првиот круг на претседателските избори. Актуелниот претседател, Румен Радев победи со 48,5 отсто од гласовите, додека Анастас Герџиков, поддржан од ГЕРБ, го повтори резултатот на партијата со 21 отсто. Радев влегува како голем фаворит во вториот круг на претседателските избори за една недела. Денес тој изборот на претседател го нарече како битка против партиите на статус квото ( тука е главна ГЕРБ на Борисов ) кои нема да жалеле пари да добијат свој претседател.

Корнелија Нинова, лидерот на БСП, ја отфрли можноста за оставка поради хроничните изборни неуспеси на таа партија под нејзино лидерство, наведувајќи дека Радев, кој беше поддржан од партијата, постигнал голем успех. Што нема врска со БСП, но Нинова, образувана во Русија, со задоволство би влегла во владата.

Се чини дека Борисов е политичка историја. Петков рече дека ГЕРБ и ДПС не се посакувани партнери и дека ќе се обидат да коалицираат со БСП, Трифонов и Демократска Бугарија. Што треба да биде доволно за некое тенко мнозинство. Иако Демократска Бугарија се противи на соработката со социјалистите. Лошиот резултат на БСП може да помогне да се отстрани оваа пречка.

Како што изгледа сега, постои веројатност дека Бугарија би можела да добие влада со нов курс кој би расчистил со претходната политика што ја водеше Борисов, а се карактеризираше со огромна корупција. Поради тоа, САД воведоа санкции за луѓе блиски до Борисов оваа пролет.

Но сепак примарното прашање на новата влада ќе биде зависноста на Бугарија од рускиот гас – неодамна беше потпишан нов повеќегодишен договор со Гаспром. Што и понатаму отвора простор за Москва директно да влијае на бугарската политика.

анализа: vocentar.com

Total
1
Shares

USJE
Поврзани објави