Силниот студен ветер синоќа донесе и минусни температури. Најладно беше на Попова Шапка каде утрово е измерена температура од – 15 степени, а снежната покривна достигна 61 сантиметар висина.
Денеска се очекува да биде променливо облачно и многу студено време. На повеќе места ќе дува силен ветер со можна брзина од над над 70 км/час од северен правец. На планините се очекува денеска да продолжи да врне снег. Максималната температура ќе достигне од -3 до 3 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и многу студено. Претпладне во делови од котлината ќе провејува слаб снег. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне 0 степени.
Утрово најладно беше на Попова Шапка – 15 степени, а најтопло во Гевгелија каде беше измерена температура од 1 степен.
Најмногу снег има наврнато на Попова Шапка 61 сантиметар, во Маврови Анови 16, во Ѓуриште шест, во Крушево пет, во Берово четири, и во Крива Паланка и во Дебар два сантиметри.
Најмногу дожд во изминатите 24 часа има наврнато во Дебар седум литри на метар квадратен и во Крива Паланка 5 литри на метар квадратен.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Врнежи од снег со слаб интензитет изутринава имаше на патниот правец Страцин – Крива Паланка и во Делчево, а со среден интензитет на планинскиот превој Ѓавато.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.