Обвинение за Лидија Димова и уште две лица за злоупотреба на европски пари: Обвинителството процени штета од 320 000 евра

Обвинителството тврди дека е направена штета од околу 320 000 евра. Во обвинителниот акт се наведени повеќе неправилности и злоупотреби што ги нотирале, меѓу кои склучување договори со соработници, експерти и обучувачи без јавен оглас и без еднаквост и јавност во постапките, како и потпишување на договори со четири фирми спротивно на водичот на Европската комисија и Планот за јавни набавки. Дел од обвинението е и исплата на пари на соработник за службени патувања иако во документацијата имало лажни податоци

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвините против поранешната директорка на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, и уште две лица: еден надворешен соработник и благајничката во агенцијата во период кога Димова беше директорка.

Обвинителството ги товари за злоупотреба на европски пари, а според проценките на обвинителството штетата се проценува на 19 945 731 денари или околу 320 000 евра.

Димова се товари за две кривини дела: злоупотреба на службената положба и овластувања и измама на штета на средствата на Европската заедница. Надворешниот соработник, како второобвинет се гони за измама, а благајничката за несовесно работење во служба.

Според обвинителството, Димова работела спротивно на Законот за јавни набавки и на Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност при склучување на договори со соработници, експерти и обучувачи.

„Не почитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост и јавност, без да објави јавен конкурс, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и др.“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Воедно, додаваат оттаму, таа спротивно на водичот на Европската комисија и на Планот за јавни набавки пет пати во 2018 година при користењето на европските пари работела спротивно на начелата за економичност, ефикасност и ефективност. Тоа значи, според соопштението од обвинителството, дека не објавувала огласи за јавни набавки, не ги почитувала општите правила и не спровела постапки за јавни набавки, туку склучувајќи договори со четири правни лица им овозможила на истите да се стекнат со имотна корист.

Обвинителството нотирало и неправилности во трошењето на парите за службени патувања.

„Во исто време, првообвинетата постапила спротивно и на Уредбата за изменување на Уредбата за издатоци за службени патувања и селидби во странство и спротивно на одредбите од подзаконските акти со кои е прецизирано работењето на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“, додаваат од обвинителството.

На обвинетиот соработник му исплатиле речиси еден милион денари за патувања

Второобвинетиот пак, како надворешен соработник, добил 943 797 денари или околу 15 300 евра за службени патувања.

Во периодот од почетокот на 2019 година до април 2020, тврди обвинителството, во договор со Димова тој употребувал факсимил што го добил од неа и изготвил десет обрасци за „каса исплати“. Прикажал лажни податоци дека сумите претставуваат аванс за негово службено патување без да приложи соодветна документација.

Врз основа на вакви документи, благајничката која е третообвинета му ги исплатила тие 15 300 евра,

Од обвинителството за благајничката велат дека пропуштала должен надзор и несовесно постапувала така што ги примала обрасците од соработникот кои имале лажни податоци.

„Таа, обрасците со невистинита содржина ги примила од второобвинетиот, иако немале оригинален потпис на првообвинетата, ниту пропратна документација и спротивно на работните обврски на нејзиното работно место не изготвила благајнички дневник и касов извештај од благајната и на второобвинетиот му ги исплатила паричните средства за наводните службени патувања“, велат од обвинителството.

Total
9
Shares
Поврзани објави