Судскиот совет веќе започнал постапка на преиспитување на претходните случаи на обвинетиот Васил Јованов, а кој ги водела судијката Даниела Алексовска Стојановска. Таа на 31 јули минатата година наместо да одреди затворска казна му пресудила упатување во воспитно поправен дом на Васил Јованов за дело кое што поврзано со поседување и продажба на наркотици. Судскиот совет од утре ќе формира Комисија која ќе ја разгледува начинот на кој судијката Алексовска Стојановска ја донела одлуката по што Јованов останал на слобода.
-Започнавме, разгледуваме а утре и формално ќе биде формирана и Комисија од страна на Судскиот совет и по извршениот увид во сите тие списи ќе кажеме, ќе излеземе со став, дали имало пропусти или немало. Општо се што имаше во јавноста како забелешки излезено по сето тоа ќе се постапува, изјави Александар Камбовски, претседател на Судски совет.
Вината за одлуката на судијката Алексовска Стојановска, ВМРО-ДПМНЕ ја гледа во СДСМ. Тие бараат одговори од претседателот на партијата Венко Филипче каква поврзаност имаат со судијката и зошто нивниот партиски штаб е сместен во нејзината семејна куќа во Ранковце.
-Филипче да каже колку пари и плаќале на судијката која го ослободи убиецот или примиле донација од неа? Во семејната куќа во Ранковце, сопственост на Даниела Алексовска Стојановска е сместен партиски штаб на СДС. Венко Филипче мора да каже, каков однос имала неговата партија со судијката која го ослободила убиецот на Фросина. Дали СДС и плаќал кирија на истата и колку и зошто ја одбралe токму нејзината куќа? – изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ се повикуваат на претходната реакција во која велат дека ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува и срамно ја политизира трагедијата со манипулации и лаги и дека токму та судијка е избрана од ВМРО-ДПМНЕ уште во 2012 година. Јавноста имаше остри реакции во врска со претходните судски одлуки за Васил Јованов кој минатата недела смртно ја прегази 22 годишната Фросина Кулакова од Неготино возејќи пребрзо во пијана состојба, поминувајќи на црвено а бил и без возачка дозвола.