Основниот кривичен суд Скопје денеска донесе ослободителна пресуда за поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, кој беше обвинет за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Покрај Деркоски, ослободени од обвинение беа и тројцата вработени во ДИК и еден управител на економски оператор кои се товареа дека извршиле „злоупотреба на службена положба и овластување“ при спроведување на две јавни набавки со што го оштетиле Буџетот за 1 312 409 денари или околу 21 илјада евра.
Според Судечкиот совет, јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите ги сториле делата за кои што се товарат. Процесот го водеше судијата Илија Трпков.
Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.
Случајот се однесува на злоупотреби во врска со две набавки и за него Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение во мај 2021 година.
Едната набавка опфатена со обвинението е на софтверот што беше купен за парламентарните избори одржани на 15 јули 2020 година, а другата е на телевизори на кои требаше да се прикажуваат резултатите од изборите.
Вредноста на двете набавки, како што соопштени ОЈО ГОКК, е околу 21 500 евра од кои 14 600 евра за софтверот, а 6 700 за телевизорите. Според обвинението, во овие јавни набавки не се почитувал законски минималниот рок за поднесување на понудите, не биле правилно евалуирани доставените понуди, а Деркоски како претседател не извршил контрола на постапката за евалуација туку одлучил да ја избере понудата предложена од Комисијата за јавни набавки. Со обвинението се тврдеше и дека софтверот не бил тестиран пред да се имплементира за да се види дали ги исполнува условите.
Обвинението беше поднесено по неполни шест месеци истрага која се отвори во ноември 2020. Дерковски тогаш тврдеше дека постапката за набавка била законска и транспарентна и оти била избрана најповолната понуда.