Асоцијацијата за цистична фиброза во 14 часот денеска пред Влада ќе се збогува со Благојче Илијевски
, најтешко болниот пациент од цистична фиброза, кој почина вчера чекајќи го лекот „Трикафта“.
Не постои поголемо кршење на човековите права од тоа да се дозволи да умираат луѓе од болести за кои има лек! Заради ова, Асоцијацијата за цистична фиброза утре во 14 ч. пред Влада ќе се збогува со еден од своите најактивни членови Благојче Илијевски, како жртва на системот и кој заради инертноста на системот од надлежните институции и заради тромите бирократски процедури, почина прерано, чекајќи го лекот Трикафта, пишува на официјалниот Фејсбук-профил на АЦФ.
Со едноминутно молчење, свеќи и цвеќе АЦФ ќе се збогува со својот соборец, во исто време, кога во Битола ќе бидат погребани неговите посмртни останки.
Во неговата последна изјава, Благојче се надеваше дека е во онаа група од осум пациенти кои се во најтешка здравствена состојба.
Јас верувам дека сум во онаа група од осум пациенти кои сме во најтешка здравствена состојба и дека први би го добиле, но образложението дека процедурата ќе биде подолга додека се случи набавката, некако нè обесхрабри. Од последниот пат кога разговаравме, а тоа беше кон крајот не ноември, јас уште еднаш бев хоспитализиран. Повторно 12 дена на Клиниката за пулмологија, го чистат белодробието до секретот, но верувајте состојбата не ми се подобрува, и сега ме слушате како едвај дишам, како не можам да искашлам. Ми останува навистина само да се надевам дека ќе дочекам да почнам терапија со „Трикафта“, се вели во последната изјава на Илиевски.