Припадник на косовската полиција е полесно повреден во вооружен напад што синоќа околу 23 часот се случил во селото Србовац во општина Звечан на северот на Косово.
Како што соопштија од косовската полиција дежурни единици биле нападнати од „лица вооружени со долги цевки, од возило `ауди`, со сива боја и регистрарски таблички со ознака КМ (Косовска Митровица)“, какви што издаваа властите на Србија до сега.
На местото на настанот пристигнале полициски единици за увид, а повредениот полицаец е пренесен во болница.
Нападот се случил неколку часа откако косовската полиција го зголеми присуството на северот на Косово, каде во последните денови има чести инциденти.
Набргу по соопштението на косовската полиција, пред медиумите се обрати и шефот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Петар Петковиќ кој рече дека косовскиот премиер Албин Курти во четвртокот вечерта продолжил со „незаконски и насилни акции насочени кон окупација на северот на Косово“.