Пожарот во модуларната болница бил предизвикан од прегреан кабел

Вештачењето на крим-техника утврди дека пожарот во тетовската модуларна болница настанал како последица на прегревање на  кабел на дефибрилатор, по што се запалил продолжениот кабел на кој биле приклучени дефибрилаторот, полнач за мобилен и уште еден апарат, соопшти Јавното обвинителство. Во пожарот во ковид-болницата на 8 септември загинаа 14 лица.

„Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“, се вели во соопштението.

Вештачењето, кое е доставено до Основното јавно обвинителство Тетово е од извештајот изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.

„Од извршената анализа на трагите од пожарните оштетувања, динамиката на ширење на пожарот и врз основа на оштетувањата на инвентарот и просторот, земајќи ги предвид и добиените сознанија за дејствијата пред и во текот на настанувањето на пожарот, вештите лица ја утврдија локацијата, како и можната причина за настанување на пожарот“, велат од обвинителството.

По избивањето на пожарот, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар. Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период.

„Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите / просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот“, се вели во соопштението.

Од обвинителството велат дека ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази и се очекува во Основното јавно обвинителство Тетово да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне согласно побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Република Германија.

Total
7
Shares
Поврзани објави