Покачена цена на струјата, намален ДДВ – граѓаните на крајот ќе имаат незначително пониски сметки

Граѓаните нема да плаќаат повисоки сметки за струја. Останува и ефтината тарифа. Регулаторна пресече – новата цена на струјата  од 1 јули ќе биде за 12,36 проценти повисока од сегашната, но ќе се компензира со намаленото ДДВ кое од 18 се симнува на 5 проценти.

Со тоа практично крајните сметки за домаќинствата ќе бидат незначително пониски, но од регулаторна не сакаа да откријат за колку.

Регулаторот одбил трошоци од 11,6 милиони евра кој ги прикажала државната МЕПСО и 12,9 милиони на Електродистрибуција во наредните три години.

“Во оној дел кој што го регулира РКЕ, а се однесува на преносот и дистрибуцијата на електричната енергија, компаните збирно побараа зголемување од 50 денари на сметка од 1.000 денари. Врз основа на нашите пресметки кои што ги направивме изминатиот период РКЕ нивните барања ги сведе на 6 денари на сметка од 1.000 денари” – вели Бислимоски.

Бислимоски потврди дека енергетските компании биле незадоволни од одлуката,  бидејќи Регулаторна не прифатила голем дел од нивните трошоци – дел најавиле и тужби.

Но, Бислимоски вели тоа нема ништо да промени бидејќи аргументите се на страната на регулаторот. ОД ЕВН за „Телма“  велат дека нема да покренат постапка, туку ќе ја почитуваат одлуката на Регулаторна.

Бислимоски кажа дека Комисијата кратела на трошоци кои енергетските компаниите ги побарале за нови вработувања, одржување, резервни делови, услуги. Кај МЕПСО не го одобриле трошокот за 100 нови вработени во изминатиот период.

“Да ги тргнеме сите прикаски за некои нови вработувања во компаниите кои што ги регулираме, со оваа наша одлука РКЕ во МЕПСО ги замрзна вработувањата и одобри вработувања исто како и во 2018 година 569 вработувања. Сметаме дека ова е оптимален број со кој што може да работи МЕПСО, а доколку имаат потреба од нови вработувања тоа може да го реализираат од својот профит” – изјави Претседателот на РКЕ, Бислимоски.

Инаку законот со кој ДДВ-то за електрична енергија од 1 јули треба да падне од 18 на 5 проценти е во собраниска процедура.

Но, предвидува во јули наредната година ДДВ-то да се зголеми на 10 , а 2023-та пак да се врати на 18 проценти.

Total
1
Shares

USJE
Поврзани објави