Почина поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, чија политичка кариера ја обележаа секс скандали и обвинувања за корупција, почина на 86 години во болницата „Сан Рафаеле“ во Милано. Берлускони се бореше со низа здравствени проблеми во изминатите години, а неодамна му беше дијагностицирана и леукемија.

Милијардерот и медиумски тајкун беше една од најпрепознатливите личности во поствоената италијанска политика. Првпат стана премиер во 1994 и водеше четири влади до 2011 година.

Роден во Милано во 1936 во семејство од средна класа, Берлускони ја почнал својата деловна кариера на полето на недвижности, пред да го основа најголемиот италијански комерцијален радиодифузер „Медијасет“. Од 1986 до 2017 беше сопственик на фудбалскиот клуб Милан, кој под негово водство оствари огромни успеси.

Партијата Напред Италија ја основа во 1993 и следната година стана првиот премиер кој никогаш претходно не држел функција во владата. Неговиот втор мандат траеше од 2001 до 2006 и е најдолг во Италија по Втората светска војна. На власт се врати во 2008, но три години подоцна беше принуден на оставка среде должничката криза.

Во 2012 беше осуден за даночна измама, а едногодишната казна ја отслужи вршејќи општокорисна работа во станбена зграда во Милано. Забраната за вршење јавна функција му беше укината непосредно пред изборите во 2018, а следната година влезе во Европскиот парламент. Нов голем камбек на политичката сцена во Италија имаше на ланските избори, кога неговата партија стана дел од владејачката коалиција.

Берлускони двапати се женеше и имаше пет деца, а последно беше во врска со 33-годишната пратеничка Марија Фашина.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Силен земјотрес во Хрватска

Хрватските медиуми пишуваат дека околу 12.30 часот бил почуствуван земјотрес од 3,8 степени според Рихтеровата скала на 16…