Телевизиите „Телма“ и „Алфа“ се непријатели на Албанците, констатира лидерот на ДУИ Али Ахмети од собирот со граѓаните синоќа во Гостивар.
Ахмети осврнувајќи се на внатрепартискиот судир, односно нетрпеливоста на „огнените“ со министрите на ДУИ, во прв ред со Артан Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи, повика на единство и смирување на страстите.
„Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира, на непријателите на Албанците, тие „аплаудираат“, Алфа, Телма, мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“, рече Ахмети.
По експремиерите Никола Груевски и Зоран Заев и Ахмети излезез со етикети против медиуми. Груевски од партиски митинг во центарот на Скопје отворено повика „сите граѓани на РМ, информациите кои доаѓаат од А1 телевизија и од весниците Време, Шпиц и Коха е Ре да ги земаат со сериозна резерва“. Хајката на Груевски резултираше со згаснување на А1 телевизија и весниците Време, Шпиц и Коха е Ре.
Непријатели меѓу медиумите прогласуваше и Заев. Во една негова изјава Заев рече дека „за СДСМ поголем политички непријател се „Сител“, „Канал 5“, „Алфа“, „МРТВ“, отколку ВМРО-ДПМНЕ“.