„Професорите не се службени лица“ – единствената причина зошто падна „Еразмус“

Професорите од Економскиот факултет кои беа неправосилно осудени дека барале пари, а некои и секс од студенти за да пишат „преодна“ оценка, не се службени лица. Ова е единственото образложение поради кое скопска Апелација реши да ја уважи нивната жалба и предметот да го врати на повторно судење. Без да навлегуваат, потврдуваат или негираат дали професорите го сториле кривичното дело примање поткуп, што веќе го досуди судијата Владимир Туфегџиќ, апелационите судии Јани Нича, Тања Милева и Јусуф Ајрулахи одлучиле дека професорите не се службени лица, а со тоа, дека е грешна правната квалификација што им е дадена. Тројцата судии од второстепениот суд сметаат дека професорите се само даватели на јавни услуги во високообразовните установи.

„Во оваа насока, првостепениот суд во образложението на обжалената пресуда не дава правна аргументација врз основа на кои факти утврдил дека обвинетите како професори на Економски факултет имаат својство на службени лица и дека во такво својство ги презеле противправните дејствија опишани во изреката на пресудата, а кое нешто е од решавачко значење по однос на противправните дејствија на обвинетите и квалификацијата на кривичните дела“, стои во пресудата од Апелација.

Тројцата судии, Нича, Милева и Ајрулахи, бараат на професорите Бобек Шуклев и Драги Јанев, за кои судијата Туфегџиќ утврди дека барале пари и секс за оценки, Славе Ристески, кој барал пари, и Драган Денковски, кој бил посредник, да бидат третирани според Законот за високо образование, поради професијата што ја извршувале.

За разлика од враќањето на предметот за осудените, потврдена е ослободителната пресуда за професорот Стојан Дебарлиев. Тој се гонеше за дело злоупотреба на службената положба и овластување, дело кое исто така може  да го стори само службено лице. Но, Апелација не досуди како во претходните случаи, каде што констатираше погрешно утврдена фактичка состојба во однос на делото за кое се гонат, бидејќи професорите не ги смета за службени лица. За Дебарлиев, Кривичниот суд, односно судијата Туфегџиќ утврди дека професорот ниту барал, ниту добил корист со пишување оценка на студент кој беше сведок.

Првообвинетиот Бобек Шуклев пред Апелација го спореше користењето на ПИ-мерките, како и сведочењето на еден од студентите кој беше заштитен сведок, наведувајќи дека со муабетот што го водел со професорот за секс го поттикнувал на дејствија кои завршуваат со кривична постапка. Тој смета дека нема извршено ниту подготовка, ниту кривично дело.

„Пресудата се темели само на исказот на заштитениот сведок и на сведокот Д. Т.,без ниту еден материјален доказ, а изведените материјални докази се во колизија со останатите“, навел Стојанче Геровски, адвокат на Шуклев пред Апелација.

Меѓу другото, и обвинетиот Драги Јанев, го спорел сведочењето на заштитениот сведок. Според него, сведокот провоцирал со цел да им наштети на обвинетите професори.

„Сторена е и повреда на чл.415 ст.1 т.11 од ЗКП, од причина што со поднесеното обвинение се алудира обвинетите да се прикажат како неморални личности, нешто што е различно од кривична одговорност“, истакнал Самуил Филиповски, адвокат на Јанев.

Покрај писмената жалба, обвинетиот Славе Ристески негира вина  преку тоа што кажува дека освен со професионалност, во својата кариера никогаш не се соочил со поткуп.

„Обвинетиот во текот на постапката докажал дека не побарал, ниту примил никаков подарок, ниту, пак, уценувал некој од студентите. Во конкретниот случај не може да се утврди дека ниту директно ниту индиректно примил 1.000 евра, ниту, пак, 500 евра, затоа што нема ни број на банкноти“, истакнал Мерџан Даути, адвокат на Славе Ристески , додавајќи дека во случајот не постои оштетена страна.

Овие наводи тројцата апелациони судии не ги разгледувале, а ниту ги коментираат во пресудата.

Претходно, судијата Владимир Туфегџиќ за „А1он“ најави детална анализа на причините поради кои е укината пресудата од Апелација, како и напатствијата кои се дадени, особено бидејќи првостепената пресуда е потврдена во ослободителниот дел.

Првообвинетиот Шуклев доби казна затвор од две години за примање поткуп. Обвинетиот Драги Јанев, за кој судот кажа дека исто како Шуклев барал сексуални услуги од студентки за да пише преодни оцени, осуден е на две години и шест месеци затвор. Професорот Славе Ристевски е исто така осуден на две години и шест месеци затвор. Условно осуден е демонстраторот на Економскиот факултет, Драган Денковски, кој бил посредник меѓу студентите и професорите.

извор: a1on.mk

Total
1
Shares

USJE
Поврзани објави