Се гради мал град во скопски Сарај

Нова елитна населба „Комплекс планет“ почна да се гради во Сарај. Проектот беше промовиран денеска, а освен функционери, на настанот присуствуваа и инвеститорите на проектот – Валдета Касапи, Самет Мисими и Џемил Шабани.

Според градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ова е првата населба во Скопје која нуди поинаков концепт на живеење и првата елитна населба од овој вид што се гради.

Тој изрази надеж дека комплексот ќе биде вистински пример за успешен проект, кој може да се реализира преку соработка на приватниот сектор, државните институции и локалните самоуправи.

„Комплексот планет“ е елитна населба, која ќе се простира на површина од 15 хектари, лоцирана помеѓу реките Вардар и Треска, во близина на езерото Треска. Со него се предвидени изградба на елитна населба со вили, паркови, спортски игралишта и центри, градинки, ресторани, маркети, фитнес и спа-центри и др.

Премиерот, Зоран Заев, рече дека вредноста на оваа инвестиција е 28 милиони евра.

„Предизвикот да се изгради сосема нов станбен и урбан комплекс во близината на Скопје, кој практично претставува мал град, навистина заслужува почит. Денеска сме на место на кое за неколку години ќе никне ‘Комплексот планет’ со 142 вили, со сета придружна инфраструктура од улици и пристапни врски со постоечката градска патна мрежа, канализации, вододоводна мрежа, како и мрежа за електрична енергија и интернет“, рече Заев.

Total
9
Shares
Поврзани објави