Собраниската седница за францускиот предлог закажана за в четврток

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ќе се обрати пред пратениците, само половина час пред седницата на која ќе се разгледува францускиот предлог. Седницата е закажана за во четврток. Нејзината посета беше најавена како можна пред неколку дена, како обид на ЕУ да го убеди Скопје да направи чкеор напред во евроинтеграцискиот процес.

Во меѓувреме пратениците конечно добија три од четирите документи кои се поврзани со информацијата за содржината на францускиот предлог. Документите ги испрати Владата, но меѓу нив го нема протоколот кој се уште не е потпишан од Скопје и Софија. Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека постапката во Собранието ќе биде само формална бидејќи заклучоците нема да имаат никакво влијание врз содржината на преговарачката рамка.

Од СДСМ велат дека во Собранието пратениците ќе ги соочат аргументите.

Павле Трајанов, од Демократскиот сојуз, изготвил предлог заклучоци за кои вели дека партиите може да дискутираат. Меѓу нив, тој бара преговарачката рамка да го признае македонскиот јазик како официјален без можност за еднострани декларации и билатералните прашања да не се дел од рамката.

Деловникот на Собранието е многу краток во одредбите каде што ја појаснува собраниската постапка за информации како што е содржината на преговарачката рамка поднесена од Владата. Таму накратко се вели дека расправата за ваквите материјали, според правилото, завршува со одобрување на заклучоците. Нема одредба за расправа во комисијата, ниту за поднесување амандмани од пратениците.

Total
3
Shares
Поврзани објави