Со 13 гласа за, од 15 членови на Судскиот совет, битолскиот судија Александар Камбовски е избран за нов претседател на Советот, откако Весна Дамева на крајот на минатата година поднесе оставка од функцијата. Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, и министерот за правда, Игор Филков, не беа присутни на седницата, бидејќи, иако дел од Советот, тие немаат право на глас.
Александар Камбовски е дипломиран правник и магистер по правни науки. За прв пат е избран за судија во 2010 година во Основниот суд Битола, како дел од втората генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). По седум години, во 2017 година, Камбовски е избран за судија на Апелацискиот суд Битола, а истата година започнува да предава на АСЈО. Во февруари 2024 година, Камбовски беше избран за в.д. претседател на Апелацискиот суд Битола, а во јуни 2024 година беше избран за член на Судскиот совет.
Судскиот совет се состои од 15 члена, осум од кои ги избираат судиите од своите редови, а петмина се избираат од Собранието, од кои двајца на предлог на претседателот на државата. Претседателот на Врховниот суд и министерот за правда се членови по функција, но без право на глас.
Изборот на нови членови на Советот продолжи минатата година, кога беа избрани судиите Аритон Ала и Данка Ристова од Апелацискиот суд Скопје и Штип, како и Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје, како член од редот на судиите припадници на помалите заедници. Во јуни 2024 година, нови членови станаа судиите Исамедин Лимани и Александар Камбовски.
Судскиот совет е единствениот орган за избор, оценка и контрола на работата на судиите, како и чувар на довербата на граѓаните во судството. Во 2024 година, Советот беше во фокусот поради контроверзните случувања, како што беше оставката на претседателката Весна Дамева, како и обидите за примена на препораките на Оценската мисија за подобрување на функционирањето на Советот.