Сѐ повеќе Македонци ги заменуваат бугарските со српските зимски туристички центри

Кирил Лазаров, претседателот на Македонско–бугарската стопанска комора,  во „Студио 10“ на ТВ24 рече дека Македонците сѐ повеќе се определуваат да ги заменат бугарските со српските зимски туристички центри поради политичката блокада од страна на Бугарија.

„На границата е сменет односот, не заради одлука на политичари, туку самата атмосфера е таква. Келнерот ќе те праша таму ‘Как’в си?’ (Што си ти?). Зошто да одам Банско и Боровец, ќе одам на Копаоник и Златибор. Но како што се растуриле односите, така и ќе се поправат. Брзо ќе се врати довербата и ќе се вратиме во нормала“, рече бизнисменот.

Лазаров вели дека премиерот во оставка Зоран Заев своевремено правел сѐ за ја зголеми довербата кај бугарските бизнисмени да инвестираат во Македонија.

„Пред ветото имав два пати на ден јавувања од бугарски бизнисмени, но по тоа наеднаш сето тоа беше пресечено како со нож. Заев наместо за 30 дена, помагаше за 8 до 10 дена бугарските инвеститори да отворат бизнис. Но ги одбиваше ако сакаа за евтини пари да купат некоја фирма“, тврди Лазаров.

Тој додаде дека силно очекува новите премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков да свртат нов лист во историјата на македонско-бугарските односи.

Total
2
Shares
Поврзани објави