Мора да имаме чест и да признаеме дека згрешивме со измената на Кривичниот законик. Апелирам Владата да го стави на јавна расправа новиот предлог-закон кој почна да го подготвува работна група уште во 2017 во времето кога министерка за правда беше Рената Дескоска.
Вакво јавно признание и апел до власта упати новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, на првата прес-конференција што ја организираше во партиското седиште денеска (25 јули) откако на 30 јуни беше избран за нов претседател на партијата по најтешкиот изборен пораз на парламентарните избори на 8 мај.
Новиот Кривичен законик, кој Филипче апелира Владата на ВМРО-ДПМНЕ да го стави на јавна расправа, го подготвуваше експертска работна група предводена од универзитетскиот професор Владо Камбовски. Тој предлог, вели Филипче, е направен во целосна координација со меѓународните институции и како модел за него се користел германскиот Кривичен законик.
„Да видиме кој ќе биде одговорот затоа што Владата е таа што треба да го стави законот на јавна расправа. Согласно тоа, ние ќе ги направиме следните чекори“, рече Филипче.
Контроверзните измени на Кривичниот закон во септември лани кога власта беше во рацете на СДСМ и ДУИ, ги намалија казните за кривичните дела како што се злоупотребата на службената положба и овластувања и злосторничко здружување. Тоа доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери кои беа обвинети во постапки од Јавното обвинителство. Низа критики упати и Mеѓународната заедница, а последната беше во извештајот за владеење на правото што вчера го објави Европската комисија (ЕК).