Вчерашните поплави ги однесоа животите на 21 лице во Босна и Херцеговина. Општините Јабланица, Кисељак, Крешево, Коњиќ, Фојница и Долна Јабланица се најпогодените од катастрофата, а според првичните проценки, штетата од поплавите на овие места е немерлива.
EPA-EFE/NIDAL SALJIC
EPA-EFE/NIDAL SALJIC
Како исчезнати се водат шеснаесет лица, а потрагата по нив продолжила од раните утрински часови. Утринава беше соопштено дека е пронајдена загината трудница во селото Злате, која го изгубила животот откако врз неа паднало дрво. Градоначалникот на Јабланица, Дамир Шабановиќ, рече дека се прават надчовечки напори за да се пронајдат исчезнатите лица.
„За жал, има голем број жртви по невремето, ги бараме исчезнатите. Испраќам искрени изрази на најдлабоко сочувство и поддршка до семејствата на жртвите. Од раните утрински часови на терен се голем број спасувачи и механизација. Даваме се од себе да им помогнеме на сите, да спасиме луѓе и предмети. Сакам да им се заблагодарам на сите што се солидаризираа со населението на Јабланица“,рече Шабановиќ.
Токму во Долна Јабланица, каде ситуацијата е најтешка, се претпоставува дека причина за настанатата трагедија е каменолом, оти речиси целата област е целосно затрупана со отпад од гранит.
Владата на Босна и Херцеговина вчера прогласи состојба на природна катастрофа поради поплавите и свлечиштата што погодија дел од Федерацијата Босна и Херцеговина – Јабланица, Коњиќ, Кисељак, Фојница, Крешево и други места.
Најголем дел од патиштата на подрачјето на Јабланица се непроодни, поширокото подрачје на Коњица е изолирано, а со чамци што ги користат припадниците на вооружените сили на Босна и Херцеговина и Цивилната заштита се евакуираа жителите додека повредените со хеликоптер се префрлаа во болниците.