Актерот Вил Смит доби забрана да присуствува на Оскарите во следните 10 години

Вил Смит нема да може да присуствува на наградите Оскар кои ги доделува Американската филмска академија во следните 10 години, како резултат на неговото удирање на комичарот Крис Рок на сцената за време на овогодишната церемонија, пренесе Си-Ен-Ен.

„Одборот одлучи, во период од 10 години од 8-ми април 2022 година дека господинот Смит ќе има забрана лично или виртуелно да присуствува на настаните на Академијата, меѓу нив и на наградите Оскар“, пишува во соопштението на претседателот на Академијата, Давид Рубин и директорот Дон Хадсон.

Одлуката била донесена за време на состанокот на управниот одбор кој синоќа беше одржан во Лос Анџелес. Состанокот, кој првично требаше да се случи на 18 април, беше забрзан откако Смит ја најави својата оставка од Академијата минатата недела.

„94-тите награди Оскар требаа да бидат прослава за многу поединци од нашата заедница кои направија извонредна работа изминатава година. Сепак, овие моменти беа засенети од неприфатливото и штетно однесување кое го видовме од господинот Смит на сцената. За време на телевизискиот пренос ние несоодветно ја адресиравме ситуацијата во просторијата. Жалиме поради тоа. Ова беше можност да поставиме пример за нашите гости, гледачи и за нашето семејство од Академијата низ светот и не успеавме во тоа – неподготвени за ситуацијата без преседан“, се додава во соопштението од Академијата.

По оваа одлука Смит објави кратко соопштение како реакција на забраната.

„Ја прифаќам и ја почитувам одлуката на Академијата“, стои во соопштението на актерот.

Оставката на Смит значи дека тој повеќе нема да учествува во гласањето на Академијата, но тоа сепак не го спречува оскаровецот да биде номиниран во иднина. Вообичаено победникот за најдобар актер ја прогласува најдобрата актерка следната година, но со забраната на Смит, Оскарите следната година ќе мораат да ја прекршат оваа традиција.

Вил Смит го удри Рок на сцената на Оскарите на 27-ми март, откако комичарот направи шега за сопругата на актерот. По инцидентот Смит јавно му се извини на Рок преку социјалните мрежи.

Total
0
Shares
Поврзани објави