Владата го разреши Ване Цветанов од претседател на Советот за унапредување на ревизијата

Одлуката била донесена на денешната владина седница, по предлог на Комисијата за кадровски прашања, по што е именуван и нов раководител на Советот. Засега нема официјално образложение за причините за смената

Ване Цветанов е разрешен од раководител во Советот за унапредување и надзор на ревизијата, потврдија за „360 степени“ од Владата. На неговото место, според информациите, вечерва е именуван друг раководител.

Одлуката била донесена на денешната седница на Владата, по предлог на владината Комисија за кадровски прашања. Нема официјално образложение за причините за смената на Цветанов, за што немаше информација во соопштението од владината седница.

Некои медиуми го поврзуваат разрешувањето на Цветанов со тоа што ја ангажирал сопругата Дунавка Трифуновска да му помага во работата во Советот за унапредување и надзор на ревизијата и да го придружува на службени патувања.

„Дунавка е ангажирана со договор за нула денари. Нормално дека жена ми ќе дојде да ми помогне во работењето кога гледа дома колку работа имам, а немам доволно вработени. Министерството за финансии не ми одобрува вработувања, а пред две години една вработена замина во пензија. Лани во март и сметководителка ја напушти институцијата. И покрај тоа што законски ми следуваат вработувања и имаме пари, министерот за финасии не ми одобрува вработувања. Затоа Дунавка ми помага, а за тоа не добива ниту денар и немам зошто тоа да го кријам“, изјави неодамна Цветанов за „СДК“, потврдувајќи дека сопругата заедно со него одела на службени патувања дома и во странство

Цветанов, еден период, во првите години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, беше директор на Агенцијата за спречување перење пари и финансирање тероризам, а потоа еше меѓу осудените во случајот „Шпион“ во 2014 година. Во јули 2019 година беше назначен за претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата.

Total
0
Shares
Поврзани објави