Влада: Пристигна предлог од француското претседателство, почнуваме широки консултации

Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратегиските интереси на земјата и на сите нејзини граѓани, се вели во соопштението од Владата

Од Владата предмалку пристигна соопштение во кое се вели дека од француското претседателство, преку Министерството за надворешни работи, пристигнал предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови.

„Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратегиските интереси на земјата и на сите нејзини граѓани“, се вели во соопштението.

На крајот се упатува благодарност до претседателот Макрон и француското претседателство за, како што се вели, нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, на прес-конференција во Мадрид, на Самитот на НАТО, изјави дека е уверен оти е најдено компромисно решение за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија.

„За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите“, изјави Макрон.

Тој изрази надеж дека разгледувањето на предлогот од двете страни во следните денови ќе го потврди ова.

Total
0
Shares
Поврзани објави