Власта врши притисок Иван Џолев да биде назначен за ВД претседател, обвинува ВМРО-ДПМНЕ

Власта врши притисок Судскиот совет денеска да го назначи досегашниот претседател на Кривичниот суд, Иван Џолев за ВД претседател само заради исполнување на политички агенди, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред седницата на Советот на којашто прва точка на дневен ред е одлуката за определување на ВД претседател на Основен кривичен суд Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ во име на граѓаните на Република Македонија бара Членовите на судскиот совет денеска да не подлегнат под притисоците и да не донесат политичка одлука со која за в.д на Основниот кривичен суд би го избрале судијата Иван Џолев. Напротив, очекуваме членовите на судскиот совет, телото за контрола на судската власт, да ги почитува Уставот и законите и според нив, да го изберат најдобро оценуваниот судија, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.

Таа цитираше делови од Законот за судови во којшто е предвидено дека за вршител на должност претседател на суд се избира судија со највисока оценка.

„Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот (како во овој случај), до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови“, се вели во Законот.

-Изборот на Иван Џолев за ВД претседател ќе биде директно кршење на законите и Уставот, што би го нарушило угледот на Судскиот совет и дополнително ќе ја поткопа довербата во независноста при носење на одлуките, што впрочем е и во фокусот на интересирањето на ЕУ, рече Панова.

Од Судскиот совет не одговорија на прашањата на Фокус како е процедурата за назначување на ВД претседател и зошто немало конкурс за оваа позиција во Судот, каде се судат најголемите и најважните судски процеси.

Total
0
Shares
Поврзани објави