ВОЗАЧОТ НА КОСОВСКИОТ АВТОБУС ШТО СЕ ПРЕВРТЕ ВО ХРВАТСКА ПРИЗНАЛ ДЕКА ЗАСПАЛ ЗАД ВОЛАНОТ

Хрватската полиција го уапси возачот на косовскиот автобус што утрово излета од автопатот кај Славонски Брод, при што загинаа десетмина луѓе, а 45 се повредени, од кои 15 се во тешка состојба. Педесет и двегодишниот возач признал дека за момент заспал зад воланот, по што изгубил контрола врз автобусот.

„Возачот на автобусот е затекнат на местото на несреќата и во меѓувреме уапсен. Тој тврди дека за момент заспал во возењето, но околностите допрва ќе се утврдуваат“, изјави заменикот на општинскиот јавен обвинител Славко Прањиќ.

Несреќата се случи утрово во шест часот. Во автобусот со косовски регистарски таблици кој сообраќал на редовната линија Франкфурт-Приштина имало 69 патници. Меѓу загинатите е и еден од двајцата возачи.

„Сè беше супер, возачите беа одлични. Се заменија кај Загреб. Го продолживме патот и заспав. Нагло се пробудив кога слушнав врескање на патниците. За само неколку секунди автобусот се преврте на бок“, раскажа една жена, додавајќи дека често патувала со овој превозник и никогаш немало проблеми.

Во автобусот имало и 13 деца и сите преживеале. Патниците биле од разни делови на Косово.

Total
0
Shares
Поврзани објави