Возел со 67 километри на час – поднесено обвинение за сообраќајката кај Сити Мол

Со оглед на тежината на кривичното дело за кое се товари, јавниот обвинител оцени дека сè уште постои опасност тој да се даде во бегство или да го повтори делото, па до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на веќе определената мерка притвор

Момчето кое на пешачки премин со автомобил ја удри 24 годишната Викторија Николова, која им подлегна на повредите на лице место, се здоби со обвинение за кривично дело-тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Како што информира Јавното обвинителство Скопје, по спроведената истражна постапка увидено е дека во моментот на несреќата семафорите биле исклучени, а момчето не застанало на пешачкиот премин и не обрнало внимание на пешаците на коловозот, иако бил должен да го стори тоа.

„Кога дошол до крстосницата со улиците „Московска“ и „Љубљанска“, каде светлосните сообраќајни знаци – семафори во тој момент биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен, не обрнал внимание на пешаците на коловозот“,

информираат од Обвинителството.

Воедно, приоѓајќи кон обележаниот пешачки премин, обвинетиот управувал со автомобилот со брзина од 67 километри на час, што е за 17 километри на час поголема од максимално дозволените 50 километри на час, со што како што додаваат од Обвинителството бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба.

Со оглед на тежината на кривичното дело за кое се товари, јавниот обвинител оцени дека сè уште постои опасност тој да се даде во бегство или да го повтори делото, па до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на веќе определената мерка притвор.

Тешката сообраќајна несреќа се случи на булеварот „Партизански одреди“ кај „Сити мол“ пред неполн месец, кога момче со автомобил удри во двајцата пешаци кои поминуваа по обележаниот пешачки премин. Сообраќајката беше кобна за 24 годишната Викторија Николова која им подлегна на повредите од ударот на лице место, а нејзиниот придружник се беше здобил со полесни телесни повреди.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Боки 13 итно хоспитализиран

Поради влошување на здравствената состојба, Бојан Јовановски, е задржан на лекување во болницата за хируршки болести „Св.Наум Охридски“.…