Груевски: Јанакиески е уценет, приклештен и принуден да дава лажни изјави против мене

По вчерашното сведочење на екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески за случајот „Плацеви на Водно“ на Фејсбук се огласи поранешниот премиер Никола Груевски, кој исто така е еден од обвинетите во овој случај.

“Во судот имало повторно обид за изнудување лажни изјави против мене за случајот за наводни купувања земјишта. Не планирав да објавувам било што денес, доколку медиумите под контрола на власта не се обидеа тоа што не се изнудило да го чујат во судницата да го прикажат во нивните текстови и прилози со субјективно и нереално толкување и прикажување.

Од деталите кои ги разбрав денес сведочел поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, кој општо познато е дека се наоѓа под тежок притисок заради политичкиот прогон кон него, со десетина судски процеси во тек, една првостепена затворска пресуда и во исчекување секој момент да добие решение по жалба на Обвинителството од Апелациониот суд за тоа дали ќе оди повторно или нема да оди во притвор, откако три години е или во ефективен притвор каде беше нападнат и претепан или во домашен притвор, кој веројатно е рекорден до сега.

И веројатно со сознанието дека од оваа изјава може да зависи тој исход околу притворот. Со обзир дека неговите предмети добро ги знам, можам слободно да кажам дека се работи за класичен и брутален политички прогон, до степен на терор, во кој една од главните цели на Обвинителството е истиот да биде уценет, приклештен и принуден да дава лажни изјави против мене.

Сите ние знаеме дека, кога против некој обвинител или судија има истрага, истиот веднаш времено се суспендира, бидејќи таквата истрага може да биде предмет на уцена. Но, во случајот на сведоци против мене, се бираат токму такви луѓе и тоа не само што се под истрага, туку и со куп судски процеси, затворски пресуди и одлуки за притвор кои “им висат над глава” во секој миг, па дури и во мигот додека денешниот сведок сведочеше пред судијата.

Сепак, во едни такви околности, Миле Јанакиески коректно раскажал како сме работеле, која била генералната моја и на владата политиката на работа во неговиот сектор, како и стилот на работа и водење постапки.

Имено, Миле Јанакиески потсетил дека политиката на владата беше, што е и точно, да се овозможат што повеќе градби во земјата, а во функција на економскиот развој и во тој контекст посочил дека таа политика даде одлични резултати, затоа што во целиот тој период градежништвото беше гранка со најголем историски раст и беше главен мотор на економијата, дури и во најкризните години.

Да потсетам дека градежништвото е директно поврзано со други 26 стопански гранки и кога тоа расте, растат сите и има голем ефект на севкупната економија.

Во тој контекст Миле Јанакиески денес посочил дека за таа цел владата формираше Комитет за градежна експанзија и развој каде јас бев назначен од владата за претседател, а тој за заменик претседател и во него членуваа десетици други претставници на државните институции, општините и градот Скопје, а додатно по потреба се повикуваа гости, исто така претставници на институциите.

Ова се со цел што побрзо да се завршат правно-урбанистичките постапки и што поголем број локации низ Македонија да се ослободат за градење на згради, куќи, болници, училишта, спортски терени и други објекти, каде инвеститор е државата или приватниот сектор.

Јанакиески исто така коректно кажал дека политиката на владата беше што поголема урбанизација во функција на економскиот развој.

Тој кажал и дека генералниот урбанистички план 2012-2022 година се проширил во речиси сите скопски општини, а не само во Центар или пределот на Водно.

Додал и дека секогаш низ децениите наназад, кога на секои десет години се правел нов генерален урбанистички план за град Скопје, тој се проширувал.

Денешниот главен сведок на Обвинителството, Миле Јанакиески во неколку наврати повторил дека се што се работеше беше законски и дека многу се внимаваше на тоа. Кажал и дека честопати јас сум го распрашувал за законските процедури за урбанизација, а тоа беше со цел да не се направи законски престап.

Тој неколку пати нагласил дека станува збор за стотици и илјадници парцели земјишта кои сме ги поминале на тие состаноци, а за кои сме разговарале и сме работеле со желба и план да што побрзо се направи урбанизација и да се гради, ќе повторам, во функција на економскиот развој.

И навистина, таа комисија многу ги забрза процесите и веројатно ако таа не постоеше барем две третини од изграденото немаше да се случи. Таму различните институции вршеа заедничка координација и услогласувања.

Исто така Јанакиески коректно објаснил дека често пати заради истите цели и политики, се излегуваше и директно на терен, особено во Скопје, бидејќи на терен најдобро можат да се видат состојбите и потенцијалите за развој, и да се одбегнат грешки во канцелариската работа.

Во тој дух, и во тој контекст, неколку пати со претставници на поголем број институции бевме во обиколка на повеќе места и општини во Скопје, барајќи можности за натамошен градежен развој во градот. За да бидеме сите на куп и заедно и за да има непречена групна дискусија со сите експерти, тие обиколки ги правевме со комбе кое се движеше на разни места низ градот и во него имаше дискусии, размена на мисења, сослушување на мислењата на експертите и на крај работни заклучоци кои влегуваа во записник.

Тој записник потоа се разгледуваше на работни состаноци и на комитетот за градежна експанзија и по потреба на седница на владата.

Значи, политиката беше што повеќе да се овозможи градба, односно урбанизација. Таа политика некои ја подржуваат, некои не ја подржуваат, но таа политика беше тогаш актуелна и на изборите граѓаните на 10 последователни избори даваа поддршка за таа политика.

Затоа што таа политика отвори многу работни места, го забрза економскиот развој, а попатно промени и многу грди слики на несредено, неурбанизирано земјише во градот, често претворено во диви депонии, распаднати куќи, несреденост и слично.

И конечно Јанакиески коректно го раскажува и мојот стил на работење кои многумина го нарекуваат микро-менаџирање. Да, јас ги знаев напамет речиси сите позначајни владини проекти и проблеми на речиси сите министерства, често и во најситни детали и министрите можат да го потврдат истото.

Освен што свикував чести состаноци за да видам до каде се со активностите, знаев често за сето тоа да ги прашувам и на седниците на владата, вклучувајки ги и они седници кои се пренесуваа на телевизија во живо, или пак да ги повикам по телефон во различен дел од денот или од ноќта и да побарам одговори во еден здив за 30, 50 или 100 преокти или проблеми да ми кажат до каде се и што се случува.

Со еден таков стил на работење, невозможно е министрите да подзаборават да сработат нешто што го ветиле на изборите или што е дел од програмата и севкупниот дух на нашите политики.

Патем се трудев и секому, независно дали е физичко лице или фирма, независно дали е домашен или странски инвеститор, дали ми е близок или дури не го познавам и независно колкава е вредноста на инвестицијата, да му помогнам, а во рамките на законот, да ја реализира и да се справи со проблемите со кои попатно се соочува. Секому! Некогаш дури се случуваше да ме пресретнат непознати луѓе на улица каде приватно бев излезен со семејството и беа вчудоневидени дека откако ќе ми образложеа некој таков проблем или било каков проблем, веднаш се трудев да им помогнам промптно.

Тој начин на работа очигледно даваше додатен мотив и кај министрите и дел од државните директори да забрзаат со работата и истото да го бараат и од администрацијата под нив, често повикувајќи се на мое име, во смисла дека премиерот прашува, се интересира и слично, знаејки дека тоа дополнително ќе ги анимира луѓето во администрацијата и за воља на вистината, честопати моето име заради истата цел го имаат употребувано и кога не сум се јавувал или барал нешто, а се’ со цел брзо да им течат проектите и работат. Јас не се противев на тоа, затоа што беше со добра намера.

Единствено што Јанакиески во денешната негова изјава или направи превид (затоа што се работи за детали од пред десетина години во цел океан на активности и разговори што низ годините се случувале на стотици илјади теми), или пак под притисок на Обвинителството да во секој миг може да му стават лисици на рацете и да го однесат во притвор, сакајќи да им удоволи за да не биде повторно казнет и затворен, во неколку наврати прашан дали сум прашувал за тие конкретни земјишта, тој посочувајќи дека тоа било во склоп на работата на комисијата за градежна експанзија и развој, или во склоп на работните теренски посети, дискутирајќи за стотици проекти, за време на состаноци каде подеднакво и во ист дух и политики сум прашувал и кажувал за стотици други работи, сум прашал и до каде е со овие земјишта.

И да било така, тоа воопшто не е грешка или некаков мој престап, бидејќи тоа ми било работа и подеднакво вклучено сум ја вршел за секој проект, како што и тој посочил денес, но работата е во тоа дека и тоа не е така. Или со други зборови, ова е изнудена изјава на Јанакиески кога, “над главата му стои мечот на одмаздата” во политичкиот прогон кон него.

Но, судот може тоа да го провери, ќе биде вистинска штета ако не го провери.

Имено, од сите тие состаноци на комитетот за градежна експанзија и развој, како и теренските посети, постојат записници во владата. Тоа денес го посочил и самиот Јанакиески.

Доволно е истите да се прибават и да се прочита дали јас сум дал таква забелешка, предлог или слично.

Јанакиески во денешната изјава во ниеден случај не кажал дека јас сум му кажал или на било каков начин дознал или почувствувал дека тоа било мое земјиште или нешто слично, иако имало обиди да му се подметне такво нешто. Напротив тој посочил дека за земјиштата било барано од Александар Ивановски.

Што се однесува до комитетот за градежна експанзија и развој, напоменувам дека јас иако бев претседател на комисијата, заради презафатеност со многу проекти и проблеми, во над 95% од случаите јас не ја водев седницата на таа комисија и не учевствував во работата на комисијата, туку го оставав да ја води самиот Миле Јанакиески, како потпретседател, кој ја водеше во духот на политиките на владата, а во склад со законот.

И ова може да се види и провери од записниците од работата на оваа комисија во владата.

Исто така, на овие состаноци на комитетот и на теренските посети, не сме биле сами јас и Миле Јанакиески, туку како што и самиот кажува, дури и посочува некои лица или по име или по функција, сме биле со поголема група експерти и функционери.

Па нека ги викне судот и нив и нека праша дали воопшто, јас сум предлагал во таа група она што Јанакиески или по грешка заради предолгата помината временска дистанца од 10-тина години, или заради притисокот на Обвинителството, го кажал. Од записниците многу лесно може да се види кои биле присутните и да се повикаат да дадат изјава пред судот. Ова го пишувам затоа што знам и тврдам дека такво нешто немало.

Иако повторно нагласувам, дека дури и да имало, тоа не е ниту грешка, ниту законски престап ниту било што инкриминирачки за мене, бидејќи ниту сум купувал земја, ниту сум вршел некои специјални активности во тој правец, ниту сум работел незаконски. Напротив.

Миле Јанакиески коректно посочил и уште една вистина. Бидејќи за краток период се отворија многу локации за продавање, често пати самите министри вршеа анимација на потенцијални домашни и странски инвеститори како потенцијални купувачи, бидејќи нам ни беше целта да се гради, а не да урбанизираме и да стои празно некое место со децении.

Токму заради тие политики во тоа време имаше огромен градежен и економски развој, а денес го нема, денес е реткост нешто да се гради.

И наместо и тие да засукаат ракави и да создадат услови за економски развој, тие се обидуваат мене да ме оцрнат и казнат заради тие резултати кои денес не можат да ги сонуваат.

Наместо да бидам награден со пофални зборови и признанија за трудот и резултатите од една децениска деноноќна работа за да се придвижи економијата и севкупно земјата напред, јас и моите соработници сме прогонувани, оцрнувани и казнувани денес.

Интересен е еден куриозитет, што Обвинителството упорно го турка во овој процес за земјишта за кои дури и нивните главни и уценети сведоци посочуваат дека си ги купиле со нивни пари и дека никогаш ниту сум им дал пари, ниту сум го преземал тоа земјиште. Единствено и под уцена, велат дека го купиле по моја сугестија односно сугестија на некој друг за кој верувале дека пренесува моја порака, иако таа порака можеле да ја проверат со мене, имале прилика за тоа, а не ја провериле.

А од друга страна Обвинителството ме терети за перење пари.

Прашувам какво е тоа перење пари ако никакви пари не си дал?

Чие земјиште или станови ќе запленуваат ако не сум ги платил, а тој што ги платил си кажува дека ги платил со негови сопствени пари и дека сега се во негово владеење?

Таков е случајот и со она земјиште од околу 2.700 метри квадратни на Водно и со двата стана и со посоченото земјиште во близина на Крушево кое било од 500 или 1.000 метри квадратни, за кои колку што разбрав било купено по објавен јавен повик и на јавно наддавање на на кое секој можел да учевствува.

Додатно, тоа земјиште во Крушево, кое колку што разбрав чинело севкупно 500 или 1.000 евра, е на локација за која не постоеше никаков интерес да се купува.

Се сеќавам дека откако за една викенд населба во Крушево се успеа да се распродаде земјиштето, одлучивме таму да се понуди земјиште за градба за втора викенд населба. Но, за таа втора викенд населба, за жал, безмалку никој не беше заинтересиран да купи земја дури и после три објавени јавни огласи и од вкупно 30 или 40 локации, дали се успеа да се продадат две или три локации.

Другите останаа непродадени заради немање интерес кај никој во Македонија. Тоа и беше причина на еден состанок да се разговара да се направат некакви почетни проекти кои ќе се претворат во една видео анимација со маркетиншка цел, со која се размислуваше да се привлечат потенцијални купувачи, но за жал тоа не успеа, односно не се случи, иако од сведочењето денес дознав дека Миле Јанакиески направил некакви првични чекори, барајќи од други луѓе и архитекти да подготват идејни проекти, но каде и зошто тоа застанало, не знам.

Жалам што медиумите под влијание на власта и денес пласираа лажна слика и невистинити или искривени толкувања од денешното сведочење.

Тоа само ми покажува колку многу и после пет години откако дојдоа на власт, оваа власт под чија контрола е Обвинителството и судот се фокусирани да ми наштетат и да создадат лажна слика околу моето работење и активности.

Поимот “политички прогон”, веќе е излитена фраза за еден ваков прогон, за еден ваков напор, за еден ваков силен прогон кој владејачката партија го прави со посебна ваква сласт и посветеност, за еден ваков терор кој не се памети во Македонија.

Убеден сум дека оваа власт да работеше вака посветено на проектите кои ги вети пред народот, ќе имаше големи успеси, наместо сега, потоната, поразена на локалните избори, во криза и со загубена доверба и рејтинг меѓу гласачите, да се труди нас да не оцрни за тие да изгледаат подобро и поуспешни. Тотално промаршена стратегија и затоа тонат и губат. И затоа ќе паѓаат од власт.

Жално е и што Обвинителството работи со недозволени и незаконски средства, вршејќи вистински терор врз сведоците. Терор со уцени, закани и заплашувања, а со цел да изнудат изјави за да конструираат случаи.

Тие методи на работа кои се карактеристика на повоена Македонија од педесеттите години на 20.век еден ден некој кој и мисли добро на Македонија треба да ги истражи и искорени, а уценетите сведоци, во тие процеси да станат сведоци против оние обвинители кои со недозволени средства ги уценувале за да конструираат политички мотивирани случаи.

Сево ова денес го нема во провладините медиуми.

Нема ни да го има. Бидејќи најголем дел од нив или се уценети, или купени или се плашат и ним да не им се случи истото, или се нивни политички приврзаници и учевствуваат во нивните валкани игри“, напиша на Фејсбук, Груевски.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Судење Монструм: На средба кај претседателот со семејствата на убиените деца разбравме дека лидерот на СДСМ им кажал клевети за паднат телефон од полициски службеник -телефонот ми е дома !

Поранешниот советник за национална безбедност Синиша Алексовски, на денешното рочиште за „Монструм“, рече дека имал усна информација од полицискиот…