Доктор Јота оставен од државата откако беше прегазен: Неподвижен бев пет месеци, во Љубљана проодев за два дена, сам платив 12.000 евра

Професорот на Медицински факултет и дигестивен хирург доктор Ѓорги Јота за „Слободен печат“ раскажува со какви проблеми се соочувал за време на неговото опоравување откако малолетник без возачка дозвола го прегази на пешачки премин кај Клиничкиот центар.

Несреќата се случи пред неколку месеци кога доктор Јота, бил во посета на пациенти кои ги оперирал. При заминување од Клинички беше прегазен од 16 годишник без возачка дозвола и тешко повреден.

Малолетникот уште не е осуден, а доктор Јота од свој џеб за рехабилитацијата во Љубљана платил 12 илјади евра, бидејќи формално правно, како што навеле правниците на ФЗОМ, рефундација не му следувала за рехабилитација, вели тој за „Слободен печат“ Меѓутоа самата рехабилитација во Љубљана, за него била и лекување, затоа што благодарение на методата што ја користеле тамошните доктори, успеал да прооди за само два дена. Истото не можел да го направи во Македонија со месеци.

Тој за „Слободен печат“ вели дека после 35 години хируршка работа и спасени илјадници животи, смета дека заслужил не отстапка, туку да се олеснат условите за неговото лекување во Љубљана, наместо да се занимава со бирократски процедури.

– Комисијата што беше надлежна за мене, составена меѓу другото од неврохируг и од трауматолог, поднесе барање до Фондот, но од Фондот ме одбија. Специјалистите ја проценија ситуацијата и проценија што е најдобро за мене во тој момент. Во барањето пишува дека со оглед на типот на повредите и тоа што се очекува понатаму, за мене ќе е најдобро да одам на физикална терапија во Љубљана, каде што постои робот-проодување, бидејќи неподвижен бев пет месеци. Меѓутоа, пред десетина дена проодев во Љубљана. Тоа е навистина одличен центар и ми кажаа дека таму за два дена ќе проодам, што и се случи. Пред тоа се обидував на секој начин во Македонија, но не успеав. Но, ФЗОМ ме одбиле за рефундација, затоа што не е предвидена рефундација на средства за рехабилитација, туку само за лекување. Но, јас бев на лекување во Љубљана фактички. Самата рехабилитација со робот, мене ме излечи од неподвижноста. Ме чинеше тоа 12 илјади евра, си ги платив од џеб. Размислував дека животот ми е помил отколку да се расправам со бирократите на ФЗОМ. Нема шанса. Бев пред четири години во Норвешка, работев, па дел од тие заработени пари ги дадов за лекување, само да проодам. Правниците рекле дека не е предвидено рехабилитација да биде рефундирана. Но, јас овде не проодев. Овде тапкав во место, вели доктор Јота за „Слободен печат“.

Целиот текст може да го прочитате на Слободен печат

Total
0
Shares
Поврзани објави