Зоран Милески – Кичеец бил меѓу учесниците во сообраќајката на патот Гостивар-Кичево

Кичеец во моментов има 30-дневен прекин во издржувањето на затворската казна од здравствени причини, велат од Управата за издржување санкции

Осудениот во случајот „Рекет“, Зоран Милески – Кичеец, бил еден од учесниците во тешката сообраќајка што се случи попладнево на магистралниот пат Гостивар-Кичево, дознава „360 степени“. Засега нема информации дали тој управувал со некое од возилата и дали е повреден.

Кичеец, кој призна вина во „Рекет“, издржува тригодишна затворска казна во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга. Од Управата за извршување санкции за „360 степени“ велат дека осуденикот во моментов се наоѓа на 30 дневен прекин на издржување на казната од здравствени причини. Решението за прекин, тврдат оттаму, е издадено врз основа на медицинска документација и е со траење до 8 септември.

Кичеец влезе во КПД Струга во октомври лани. Ако се пресмета времето поминато таму, како и ефективниот и домашниот притвор, тој веќе има одлежано повеќе од половина од неговата казна.

КДП Струга е од отворен тип и, како што велат од Управата, тој излегува секој ден за работа, користи викенд еднаш месечно, а има право и на годишен одмор од 22 дена.

Во денешната сообраќајка во која тој бил еден од учесниците, учествуваа три возила: џип „мерцедес“, БМВ и камионет. Едно лице од камионетот загина на лице место, а седум, според првичните информации беа пренесени на укажување лекарска помош во гостиварската болница.

Сообраќајката се случи околу 15:30 часот кај местото Новоселски гробишта, а сообраќајот беше во прекин околу три часа, додека од 18:10 часот наизменично се пуштаат возила од двете насоки.

Total
0
Shares
Поврзани објави