Комисијата што го истражува нападот на Капитол го обвини Трамп за заговор

Комитетот кој го истражуваше нападот на американскиот Конгрес од 6 јануари 2021 го објави својот финален извештај, во кој го обвини Доналд Трамп за повеќекратен заговор да се поништи неговиот изборен пораз. Тој ја префрли целата вина за крвавиот упад во Конгресот исклучиво на Трамп и предложи да му се забрани извршување јавни функции во иднина.

Во изминатите 18 месеци, комитетот одржа десет јавни сослушувања, од кои некои беа пренесувани во живо во ударен термин и интервјуираше повеќе од 1.000 луѓе. Тој ќе се распушти на 3 јануари, кога Републиканците ќе ја преземат контролата во Претставничкиот дом.

„Трамп го запали огнот. Никогаш не сме можеле да замислиме дека претседателот на САД би поттикнал толпа да упадне во Конгресот“, изјави првиот човек на комитетот Бени Томпсон.

Комитетот заклучи дека одлуката на Трамп да прогласи победа на изборите во 2020 била со предумисла и дека само неговиот адвокат Руди Џулијани го поддржувал тоа. Трамп потоа почнал да шири лажни тврдења за изборна измама и продолжил со тоа и откако Џо Бајден беше прогласен за победник.

Комитетот понатаму смета дека упадот во Конгресот бил поттикнат само од Трамп, кој потоа не презел никаква акција да ја смири толпата и ги игнорирал предупредувањата дека се одвива сериозен напад.

Комитетот даде 11 препораки во својот извештај на 845 страници, меѓу кои е на Трамп да му се забрани да извршува јавни функции. Тој веќе најави дека по третпат ќе се кандидира за претседател на САД.

Total
0
Shares
Поврзани објави