Комплетно кревање на рампите меѓу С Македонија, Албанија и Србија треба да биде наша заедничка цел, смета Ковачевски

Во своето обраќање на лидерскиот самит на „Отворен Балкан“ во Белград премиерот Ковачевски кажа дека меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија не треба да има граници. Тој посочи оти не му е јасно како странските земји кои меѓусебе немаат граници финансираат проекти во Западен Балкан за подобро гранично управување

„Отворен Балкан“, заклучи Ковачевски, се покажа и неопходен, оти како што кажа, ако ние успееме да сме добри за нас тогаш сигурно ќе сме добри и за Европа и за светот

Зближувањето е почеток, останувањето заедно е напредок а сораборката е успех. Вака премиерот Димитар Ковачевски денеска го започна своето обраќање на лидерскиот самит на „Отворен Балкан“ во Белград, посочувајќи оти е повеќе од јасно дека со иницијативата, Северна Македонија, Албанија и Србија го направија вистинскиот чекор во клучен момент.

„Се зближивме за да ја унапредиме регионалната соработка на патот кон еу. Заедно низ конкретни чекори се посветивме во олеснување на слободното движење на луѓе стоки, трговија и услуги. Ги градевме добрососедските односи и довербата како пријателски држави додека некои анализираа дали оваа соработка може да не дефокусира од европскиот пат. Ама ние верувавме дека го правиме вистинското за нашите граѓани, за нашите држави токму на европски начин преку унапредување на регионалната соработка како што функционираат и државите во Европа“,

посочи премиерот.

Премиерот Ковачевски кажа дека меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија не треба да има граници. Тој посочи оти не му е јасно како странските земји кои меѓусебе немаат граници финансираат проекти во Западен Балкан за подобро гранично управување.

„Ние сме веројатно единствениот регион во светот, особено во Европа кој што има граници меѓу себе. Никако не можев да разберам во минатите години кога претставници на држави кои меѓу себе немаат граници доаѓаат и ни финансираат проекти за унапредување на граничното управување. Затоа сметам дека наша цел треба да биде комплетно укинување не само на административните бариери меѓу Македонија, Србија и Албанија, туку и комплетно кревање на рампите и правење на регион кој што комуницира меѓу себе по сите основи”,

рече Ковачевски.

Во своето обраќање Ковачевски посочи дека соработката на Северна Македонија, Албанија и Србија во рамки на „Отворен Балкан“, отворила пат за заедничко справување со предизвиците за обезбедување храна и енергенси за граѓаните во услови на справување со последиците од војната во Украина и пандемијата.

„Со договорите што ќе ги потпишеме на овој Самит ќе се обврземе за достапност на храна  за нашите граѓани. Прво меѓусебе да си помогнеме секаде каде што е потребно, а потоа и кон други земји кон кои што е потребно, како што доликува на добри соседи како што функционираат сите држави во светот. Си помагаме меѓусебно во случај на прекин на снабдување со храна како последица од глобалната криза кога било која држава од нас би се соочила евентуално со недостиг во снабдувањето на домашниот пазар односно земјоделско-прехранбените производи. Ќе обезбедиме стабилен и непречен проток без никакво ограничување за многу различни основни и неоппходни производи како  пченка, пченица, брашно, млеко и млечни производи, шеќер, масло итн“,

нагласи Ковачвски.

Ковачевски посочи дека Владата и министерството за земјоделство шумарство и водостопанство веќе намениле средства за Интервентниот фонд, со кој како што посочи премиерот, се помага за зголемување на домашното производство на основни прехранбени и земјоделски прозиводи. Тој посочи дека фокусот останува на оваа цел и во наредниот период, потенцирајќи ја и соработката на овој самит во поглед на меѓусебната солидарност и олеснување на увоз и извоз на храна во време на недостиг на храна на глобални размери.

„Добро е што на овој самит разговараме и за можностите за соработка и во областа на енергетиката. Постојат потенцијали за развој и рехабилитирање на интерконекциските врски, за зголемување на можностите за електоенергетска размена и за соработка во делот на изградба на фотонапонски централи, ветертни паркови  и централи за електрична енергија од био маса и био гас“,

Премиерот посочи дека се прават заложби за соработка меѓу српската берза за електрична енергија и македонскиот оператор на организиран пазар на електрична енергија, со цел, како што рече, да се подобрат условите за меѓугранична трговија на електрична енергија, а посочи дека треба да се интензивираат и активностите за реализација на гасната интерконекција со Србија.

Премиерот кажа дека веќе е потпишан и договор за соработка во заштитата од катастрофи во Западен Балкан, со цел доброволно обезбедување на помош во случај на катастрофи за, како што посочи, државите да можат да си помогнат една на друга согласно расположливите капацитети.

„Иницијативата Отворен Балкан меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија се покажа и финкционална и европска. Ја развивме низ политиката на отворени врати особено за другите земји од Западен Балкан, Црна Гора, Босна, Косово со цел единствен пазар без граници и интеграција во ЕУ“,

истакна премирот.

„Отворен Балкан“, заклучи Ковачевски, се покажа и неопходен, оти како што кажа, ако ние успееме да сме добри за нас тогаш сигурно ќе сме добри и за Европа и за светот.

Total
0
Shares
Поврзани објави