Млекото, млечните производи, макароните и шпагетите од денеска со намалени цени

Од денеска во маркетите може да се купат поевтини тестенини, како и млеко и млечни производи. Поевтинувањето на овие основни прехранбени производи доаѓа откако Владата донесе одлука за нивно намалување за 10, односно 15 отсто.

Од тестенините намалени цени за 4-7 денари имаат макароните и шпагетите.

Пониски цени од денеска имаат и трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, урдата, кравјото и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал – со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци. Овие производи се намалуваат за 10 отсто од цените што се применувале на 1 март.

Утринава во маркетите веќе можеше да се забележат намалени цени на производите. Трговците подготвени ја дочекаа одлуката што Владата ја донесе уште минатата недела, но остави временски рок за таа да се примени.

Млекото, кое досега чинеше од 75 до 80 денари, од денеска се продава од 68 до 72 денари. Сирењето од 430 денари, сега чини 387 денари, а јогуртот од 80 денари, денеска се продава за 72 денари.

Одлуката за намалени цени на тестенините и млекото и млечните производи ќе се применува до 31 мај годинава. Сепак, министерот за економија Крешник Бектеши најави дека ако по 31 мај цените на овие производи повторно се нелогични можно е да следува и ново замрзнување на цените.

Според Бектеши, не се очекува недостаток на овие производи, а вели и дека ниту една компанија нема да има загуба зашто е даден дозволен процент на профитна маржа, што значи дека не се укинува одлуката за маржите, тоа продолжува да важи, само паралелно се замрзнуваат цените.

Очекувањата на Бектеши се дека стопанствениците во државата ќе бидат солидарни, ќе ги почитуваат одлуките на Владата и нема да дозволат кризата да биде само на грбот на граѓаните.

Total
0
Shares
Поврзани објави