Мнозинството на Мицкоски се намали на 60 пратеници? Реџепи од Алтернатива се пишмани

Пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи во изјава за ТВ 21 рече дека дал потпис за изгласување недоверба на Владата на СДСМ и ДУИ, но не знаел дека ќе седнат на иста маса со Левица која, вели, има антиалбански и анти – НАТО ставови. Без неговиот потпис групацијата на партии собрани околу ВМРО-ДПМНЕ не би можела да побара седница за гласање доверба на Владата доколку списокот во меѓувреме не е проширен со барем уште еден пратеник од актуелното владејачко мнозинство. Арбен Таравари пак, вели дека се преговара за трансфер на пратеници од СДСМ и ДУИ. Петре Шилегов изјави дека тоа што се случувало викеднов било само обид опозицијата да остане во политичка игра.

„Во никој случај нема да прифатам мојот потпис да стои на иста листа со потписите на оние кои својата политичка кариера ја градеа и ја проширија  навредувајќи ги Албанците”, изјави Реџепи.

Според него, пратениците од Алтернатива биле убедени дека Левица нема да биде потписник.

„Договорот требаше да го потпишат ЛДП, Беса, ВМРО-ДПМНЕ и ние. Во духот на ова се согласив да го дадам потписот. Давам свој потпис секогаш кога злобната ДУИ треба да се отстрани, но не по секоја цена. И ставот на Алтернативата отсекогаш бил таков да не се ни осмелиме да се идентификуваме со политички субјект кој е антиалбански во сите елементи. Не дозволувам во мојот живот да го валкам мојот семеен идентитет по ниту една цена”, додаде Реџепи.

Наспроти изјавата на Реџепи, генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари изјави дека списокот на пратеници кои бараат паѓање на СДСМ и ДУИ од власта се проширува и со пратеници од СДСМ и ДУИ. Таравари вели дека се преговара со неколкумина пратеници и верува дека тие ќе преминат на нивната страна.

Од друга страна пак, Петре Шилегов од СДСМ, кој од денеска повеќе не е градоначалник на Скопје, при примопредавањето на функцијата на Данела Арсовска, на новинарите им изјави дека тоа што се случуваше за време на викендот со наводното ново мнозинство, е замајхување на јавноста.

„Тоа што се случувше во текот на викендот повеќе беше за забава и за замајување на јавноста, во обид некако да се остане во политичка игра. Во текот на неделата ќе се одржи седница на Извршниот одбор на СДСМ на која многу од работите ќе бидат разрешени“, рече Шилегов.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска најави дека ќе чека до 14.30 часот  премиерот Зоран Заев да поднесе оставка во Собранието на Македонија, а доколку тоа не се случи дека со списокот на потписи од 61 пратеник ќе поднесат барање за свикување на седница за гласање доверба на Владата. Мицкоски вчера рече дека е можно списокот да биде и проширен со пратеници од актуелното мнозинство.

Total
0
Shares
Поврзани објави