Одложено судењето за тепањето на Пендиков

Секојдневно добивам заканувачки пораки, се пожали денес Христијан Пендиков, секретарот на затворениот бугарски клуб во Охрид. Половина година по инцидентот кога беше претепан, се врати од Бугарија во Охрид за да присуствува на судското рочиште и да даде исказ за настанот кој се случи на 19 јануари.

„Лично да се плашам, не се плашам, но не е убаво чувството да добивате по 20-30 закани, смртни, пцуење на фејсбук, да читаш коментари. Сега сум подобар. Имам сè уште прегледи кои ми следуваат бидејќи имам два пукнати пршлени и се надевам дека ќе можам да патувам на 12-ти јули. Сакам да го остварам своето право да дојдам бидејќи треба да се соработува со судот“, рече Пендиков.

Прашање: Сметаш ли, Пендиков, дека од ова требаше да произлезе политички скандал меѓу двете држави?

„Ви благодарам на вашето прашање, имајте убав ден“, рече Пендиков.

Денешното рочиште се одложи откако одбраната на обвинетиот Илија Спасески ја напушти судницата. Се пожалија дека судијата не го прифати нивното барање за одлагање на истото за да имаат време да направат анализа на дополнително доставеното медицинско вештачење. За судот напуштањето било неосновано и незаконско, а адвокатите на обвинетиот се сомневаат дека судот е под притисок за носење на брза одлука.

„Денеска мојот чин и на колегата Николески за напуштање на расправата е револт. Не сакам да кажам и врз судот – еве има некој притисок…“, рече Димитрија Цобоски, адвокат на обвинетиот.

Адвокатот на Пендиков пак, рече дека тој вчера пред Обвинителите рекол дека постои и друго лице од Битола кое учествувало во нападот.

„…Дури и на самата снимка, која како доказ беше изведена на претходното рочиште во судот, беше евидентно дека две лица се тие кои го тепаат оштетениот…“, изјави Стефан Кушевски, адвокат на Пендиков.

Според Обвинителството, сè почнало откако обвинетиот Илија Спасевски дошол до масата во угостителски објект каде што седел Пендиков, велејќи му: „Не ли ти е срам да се пишеш Бугарин?“ Потоа, Пендиков излегол од објектот, а обвинетиот заедно со уште едно непознато лице го следеле и го нападнале. Следното рочиште е закажано за 12 јули.

alsat

Total
0
Shares
Поврзани објави