Од денес влез во Грција без електронски формулар за ковид

Електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form) што досега беше неопходен за патување и влез во Грција, од денеска и официјално се укинува, а остануваат во сила актуелните правила за задолжителен документ за Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Сите посетители на Грција, независно од националноста и начинот на влез во земјата, повеќе нема да биде потребно да го пополнуваат формуларот што веќе 20 месеци беше задолжителен документ, а важеше и за државјаните на Северна Македонија кои патуваа кај јужниот сосед.

Министерот за туризам на Грција Василис Кикиљас пред десет дена соопшти дека „по препорака од Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство, од 15 март 2022 година се укинува пополнувањето на формуларот Passenger Locator Form (PLF) за сите посетители од сите земји за влез во Грција“ и додаде дека укинувањето го олеснува процесот за влез на туристи и акцентот ќе биде на контролата на сертификатите.

Измените се вклучени и во последната министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“ што е во сила до 21 март 2022 година, а како што веќе објави МИА минатата седмица, предвидува дека „сите патници во Грција, без разлика на националноста и начинот на влез во земјата до 14 март 2022 година, го пополнуваат електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form)“.

Со упатства за патниците кои авионски пристигнуваат во Грција излезе и Службата за цивилно воздухопловство на Грција, потсетувајќи дека од денеска стапува во сила одлуката за укинување на PLF што важи за сите летови од странство.

Паралелно, останатите правила за патување во Грција, остануваат непроменети, па така, задолжителен е европски сертификат за вакцинација (со важност од девет месеци по втората доза или неограничено во случај на примена бустер доза) или европска потврда за прележан Ковид-19 (180 дена по првиот позитивен резултат) или негативен тест од ПЦР/рапид тест.

Задолжителното пополнување на PLF формуларот, Грција го воведе на 1 јули 2020 година кога по првиот бран на Ковид-19 и првиот карантин, постепено почна да ги отвора границите за странски државјани.

Total
0
Shares
Поврзани објави