Од МНР тврдат дека не знаеле за случајот на Миленкоски се до неговото апсење во Србија

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи, Антонијо Милошоски, обвини дека е невозможно сегашниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, и неговиот претходник Никола Димитров да не биле запознаени со случајот на Миленкоски

Од Министерството за надворешни работи не ги коментираат директно наводите на Милошоски дека Миленкоски бил испратен во Виена по ургенција на премиерот Заев иако на интерниот конкурс во МНР најдобро бил оценет друг дипломат

Никаква службена белешка или информација не била испратена до Министерството за надворешни работи (МНР) во врска со меѓународната потерница за македонскиот дипломат, кој на 27 август беше приведен во Србија, поради скандал во кој е инволвирана и Ерменија.

На прашање од „360 степени“ дали знаеле за случајот со дипломатот Миле Миленкоски, од МНР одговорија дека се до известувањето од Србија за приведувањето тие немале добиено никаква службена информација за потерница добиена ниту од властите во Ерменија, ниту од кој било друг орган.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи, Антонијо Милошоски, денеска преку Фејсбук обвини дека е невозможно сегашниот и претходниот министер за надворешни работи, Бујар Османи и Никола Димитров, да не биле запознаени со случајот.

„Министерот за надворешни работи Османи неуверливо тврди дека до пред 27 август (кога во Србија е уапсен дипломат баран со црвена Интерпол потерница) не знаел за ‘ерменскиот дипломатски рекет’ на Миленкоски. Македонскиот дипломат за оваа акција веројатно добивал насоки од повисоки безбедносни функционери, па во 2018 година учествувал во нелегално пренесување на бившиот ерменски амбасадор Левон Саркисјан од Ереван до Виена, во замена за голема сума пари. МНР Османи не можел да не знае за аферата на Миленкоски, бидејќи за скандалот бил известен поранешниот министер Димитров, а сите министри, особено тие кои се во иста влада, за време на примопредавањето на должноста се обврзани да ги разменат најбитните информации за министерството“,

пишува Милошоски.

Тој додава дека за аферата знаел и поранешниот државен секретар во МНР, а сегашен директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски. Милошоски тврди дека Димовски бил близок пријател со Миленкоски.

„Делови за аферата на Миленкоски, подоцна дознале уште неколку раководни лица во самото МНР, меѓу кои и Љуфтим Спахиу, Јакуп Реџепи, Зоран Попов и други дипломати кои на дневна основа имаат контакт со министерот. За скандалот, преку МНР и преку Интерпол, известени биле и Спасовски и Заев, а МВР дури спровело и истрага за оваа афера во МНР“,

пишува Милошоски.

Тој оди чекор понатаму и посочува на ургенции од премиерот Зоран Заев за избор на Миленковски за заменик-амбасадор на Северна Македонија во ОБСЕ, Виена, иако првично комисијата во МНР избрала друг дипломат за таа позиција.

„Имено, најдобар на конкурсот за оваа позиција во ОБСЕ бил дипломатот Марјан Поп Ангелов, како што и одлучила комисијата во МНР. Но, ургенцијата од Заев до Османи била дека на таа позиција треба да оди Миле Миленкоски. Како реакција на ова, еден од наведените раководители во МНР остварил средба со премиерот, на која му било предочено дека се работи за несоодветен дипломат од ‘ерменската афера’ и како таков нема да е добар за имиџот на Македонија во ОБСЕ. Но, премиерот останал на својата ургенција. Крајниот резултат бил ‘падобранско’ додавање на Миле Миленкоски во групата на четворицата кои конкурирале за местото во ОБСЕ-Виена, како петти дипломат, исфрлање од игра на избраниот Марјан Поп Ангелов и потоа следува потписот на МНР Османи за упатување на Миленкоски во Виена“,

пишува Милошоски.

Од Министерството за надворешни работи не ги коментираат директно обвинувањата од страна на Милошоски, но во одговор за „360 степени“ велат дека упатувањата во странските мисии е редовна работа во Министерството и дека за постапките се водат сеопфатни анализи и годишни планови согласно буџетот за таа намена.

„Упатувањата во странските мисии претставува редовна работа во Министерството за надворешни работи, при што во секое време има околу 200 дипломати кои се надвор од земјата, упатени да ги вршат дипломатско–конзуларните потреби на државата. При оваа постапка се води сеопфатна сметка за потребите на сите амбасади и конзуларни преставништва, за потребата од ротација на вработените, како и за потребите на директоратите во куќата овде во земјата, за што се изготвуваат и годишни планови согласно расположливиот буџет за таа намена“,

велат од МНР.

360stepeni

Total
0
Shares
Поврзани објави