Османи: Објавата на Руската амбасада е класична закана

„Класична закана“ – така официјално Скопје ја толкува објавата што се најде и на социјалните профили на Руската амбасада во земјава.

На постот „Обрнуваме големо внимание на невиденото ниво на русофобија забележано во голем број странски земји во светлината на специјалната воена операција во Украина. Ве предупредуваме дека сите вакви инциденти се внимателно евидентирани“, реагираше самиот министер за надворешни работи Бујар Османи.

„Околу објавата од руската амбасада, таа е непримерна и е класична закана. И ние ја интерпретираме како закана надвор од нормалната дипломатска комуникација“, рече Османи.

Дека има надолен тренд во односите меѓу Русија и Северна Македонија од почетокот на агресијата во Украина зборува и фактот дека Москва ја стави земјава на списокот „непријателски држави“.

„Ние не сме информирани официјално за променет став на Русија во однос на нашата земја. Нашата позиција кон руската агресија е јасно кажана и ние се придружуваме на позициите на ЕУ“, рече Османи.

Османи соопшти дека, во рамките на тројката-претседавачи со ОБСЕ, на петочниот вонреден министерски состанок иницирал дипломатски обид за комуникација со рускиот народ и негово повикување да се здружи во осуда и спречување на агресијата во Украина.

„Додека светот го изолира режимот политички и економски со сите свои средства, нашиот став е дека треба да се охрабрат општествата да комуницираат со руското општество и да ги повикуваат и тие да бидат дел од разумното размислување на целиот свет кој најдобро се одрази на самото гласање во Генералното собрание на ОН. Нашиот став е дека треба да се охрабри таа комуникација не само кај нас, туку во сите држави во светот. Таа иницијатива е споделена преку нон-пејпер на МНР до сите членки на ОБСЕ, ЕУ, НАТО за и тие да се приклучат во охрабрување на рускиот народ да стане против оваа агресија“, вели Османи.

Објаснувањето за овој чекор, според Османи, е потребата да се мобилизира целиот свет против инвазијата која веќе добива и контекст на можна нуклеарна закана.

Меѓудругото, затоа македонската дипломатија иницира средба на министерско ниво на земјите од Западен Балкан за да се разговара за можните слаби точки на регионот и предизвиците во наредниот период.

Продолжува евакуацијата на македонски државјани и нивните семејства од Украина. Досега се повечени 120 лица. Проценките се дека има уште 40 македонски граѓани останати во Украина.

Total
0
Shares
Поврзани објави